Не гледам Игра на тронови, и тоа ме прави многу поинтересна од тебе

Пеколот е составен од други луѓе што зборуваат за Игра на тронови. И пеколот, како што открив на мое масовно ужасување, е невозможно да се избегне.

Трон-треската го обзема светот, и народ не сака да престане да збори за серијата и како не им се верува дека му била отсечена главата на омилениот елф по инцестоидна средба со еднорака вештерка, или како некоја змеј кралица или некој друг одеднаш ја покажала својата гнасна страна. Фанатизмот е збунувачки.

Признавам, ова може има врска со фактот дека никогаш го немам гледано шоуто. Луѓе постојано ми повторуваат да му дадам шанса (има само 926 часа густо набиена приказна за порно со гоблини што треба да ги пројдам!) меѓутоа не можам да се натерам себе си да го направам тоа. Фактот дека никогаш ги немам гледано Игра на тронови, кои сега се во осма сезона, стана интегрален дел од мојата личност. Кога и да сретнам некого, гледам да им нагласам колку ова е важен дел од мене. Им го кажувам на непознати на интернет. Гордо го имам наведено на мојот Линкдин. И фактот дека не го гледам преценетото шоу за змаеви го кажувам во секој разговор во кој имам можност да го направам тоа. Игра на тронови не е само телевизиска програма, таа е екстремно популарно нешто, и нема подобар начин да се покаже дека си многу интересен, интелигентен човек, отколку со изразување презир кон екстремно популарни работи. Секогаш кога нешто им се допаѓа на премногу луѓе, очигледно е дека нешто не е во ред со него.

Да бидеме на чисто, не велам дека луѓето не треба да уживаат во нивните екстремно популарни работи. Воопшто! Не завидувам на ничии мали радости. Само мислам дека е важно Игра на тронови фанатиците да сфатат дека нивната радост во најдобар случај е меинстрим, а во најлош проблематична. (Каде се змаевите од работничка класа во Вестерос?) Исто така мислам дека тие треба да сфатат дека би било многу инклузивно од нив доколку почнат да прават работи што јас ги сакам, за да можам да учествувам во разговорот.

Морам да признаам, ми требаше некое време за да соберам сила да ја напишам колумнава; да се чудиш колку омраза те чека на интернет само затоа што на народ си му кажала дека работата што ја сака е глупа. Всушност, не треба ни да бидеш толку директна. Во моментот кога ќе спомнеш дека не си гледала Игра на тронови, фановите со сета собрана надменост ти кажуваат „Мразење популарни работи не е лично обележје!“ Опсесија со сексуалниот живот на крвожедни маѓепсници, од друга страна, изгледа дека е.

Како и да е, ако има една работа што се надевам дека ќе ја сфатите од овој текст, тоа е дека некои луѓе премногу сериозно ги сфаќаат ТВ сериите. Исто така, ви спомнав дека никогаш немам гледано Игра на тронови?

Арва Мадави,
Гардијан

------

п.с. Не дека не држи ова што Мадави го пишува околу опсесивноста со Игра на тронови и тоа дека некои луѓе премногу сериозно сфаќаат ТВ серија.

Ви текнува колку текстови се напишаа низ свет кога противниците на брегзит успеаа да соберат 100.000 потписи на он-лајн петиција за поништување на брегзит?

Е па, моментално он-лајн петицијата за поништување на целата последна сезона од ГОТ и нејзино преснимување со нова приказна, нови сценаристи и нови продуценти има над 310.000 потписи.

16 мај 2019 - 13:01