Славата на оние кои се никој и ништо

Луѓето сакаат да веруваат дека славните личности, па дури и оние со лажна онлајн слава, имаат некаква вредност, и покрај доказите за спротивното. Обележјата како бројот на следбеници добиваат енормно голем приказ на нашите социјални профили. Луѓето обично тоа погрешно го сфаќаат како индикатор за квалитет на нечие присуство на социјалните медиуми, пишува Анил Даш човек со 550.000+ следбеници на Твитер.

Даш објаснува дека иако има луѓе заинтересирани за неговите апдејти (човекот пишува на неколку веб-страни за технологија, поп-култура и политика) сепак најголемиот дел од своите над половина милион следбеници не ги "заработил" макотрпно туку станува збор за комбинација на два фактори, што е меѓу првите членови на Твитер, плус на времето во 2009-та некој вработен во Твитер го додал на листата со предлог корисници за следење што се појавува кога се зачленуваш на сервисот. И на самиот Даш уште не му е јасно

Освен луѓево на Твитер, Даш има и 150.000 следбеници на Фејсбук и илјадници луѓе на Инстаграм и Вајн.

Состојбата со Твитер славата (по негово искуство) е следна:

- од публицисти добива рани примероци на книги во надеж дека ќе ги прочита и ќе ги спомне ("ако имав доволно концентрација за да читам книги, дали целото време ќе го трошев на Твитер?").
- кога ќе побара совет за готвење или техничка помош, обично добива добри одговори од луѓето што го следат.
- блиските го ругаат за тоа што е "псевдославен"
- никогаш нема добиено подобра маса во ресторан заради славата или нешто слично.

Ако ве интересира како е во нотификации кај "влијателните," на просечен ден кај човеков со 550.000 следбеници има околу 1.500 нотификации, ама има и денови кога стигнуваат околу 5.000. Заради ова речиси и да не може да користи ниту една Твитер апликација. Ако ви е олеснителна околност, и на него му се лутат луѓе што го заследиле а тој не им вратил во иста мерка.

Луѓето што го следат најчесто му се обраќаат за да им заврши некаква работа: слушни ја песнава, помогни да ме верификуваш, помогни за промоција на проектов и ретвитувај го ова. Има и соодветна бројка на – "земи убиј се."

За ретвитувањето, Даш дава разочарувачки бројки. Според статистиките никој не кликa на линковите што ги ретвитува. Од 550.000 следбеници, најчесто само 400 луѓе кликнале на линкот што тој го шернал (0,07%). Во најдобар случај бројкава има достигнато до 1.700 луѓе.

"Она што ми стана јасно после неколку години со толку голема социјална мрежа е дека луѓето се очајни за да бидат чуени. Дел од ова е поврзано со основното прашање на онлајн разговорите 'Зошто мене не ме консултираа?' Меѓутоа најголемиот дел од ова е поврзано со чувството на немоќ кај луѓето, со приврзување со секој човек кој изгледа како да може да ни даде шанса или да го отвори патот.

Некогаш им одговарам на луѓето со факти и бројки, покажувајќи им како бројката на конекции во нечија мрежа не е толку важна колку со кого се тие конекции, и колку се искористени. Меѓутоа вистината е дека нашите технолошки лидери ги изградија овие алатки на начин кој експлицитно ја промовира идејата дека нечиј број на следбеници е резултатот што треба да се следи, метриката која е важна. По повеќе од една деценија ширење на оваа лекција на интернетот, на над милијарда луѓе кои зависат од онлајн социјалните мрежи оваа порака им лежи на срце. Не е ни чудо што толку многу луѓе сакаат да веруваат дека единствената работа што ги оддалечува од сите ветени бенефиции на светската мрежа е тоа што немаат пристап до таква џиновска мрежа како што на мене произволно ми беше подарена...

... Луѓето сакаат да веруваат дека славните личности, па дури и оние со лажна онлајн слава, имаат некаква вредност, и покрај доказите за спротивното. Обележјата како малото сино знакче за верификација или бројот на следбеници добиваат енормно голем приказ на нашите социјални профили. Сепак и покрај нивната видливост, нивната каприциозна природа никогаш не е објаснета, па луѓето обично тоа погрешно го сфаќаат како индикатор за квалитет на нечие присуство на социјалните медиуми.

Не е дека луѓето имаат огромни социјални мрежи затоа што се добри во користење интернет. Бијонсе дојде до милион следбеници на Твитер уште пред да воопшто да го напише својот прв Твит," пишува Даш.

Во еден момент, лани во октомври, Даш на луѓето од неговата мрежа им го поставува прашањето - што тие би направиле кога би биле во негова позиција (со 0,55 милион следбеници). Добива 120 вистински одговори кои се делат во 5 групи: Првата се вицови и шеги, најголемиот дел левтерни и на негова сметка. Втората се само-промоција и дека би ја искористиле славата за ширење на информации за проектите на кои работат, или дека од секого би побарале по 1 долар. Потоа две помали групи кои би се исклучиле од Твитер, или дека не би смениле ништо.

"Неспоредливо, најанимирани, најразмислени одговори имаше групата која на крај излезе најбројна. Секој од десетици луѓе изјавуваше дека она што би направиле со социјална мрежа како на славна личност е директно обраќање на проблемите и последиците за кои се и најмногу загрижени.

Можеби не мора да чекаме да станеме славни за да го направиме тоа," го завршува Даш текстот во Медиум.

 

4 мај 2015 - 17:45