Кога порталите бутаат стероиди

Некои од најголемите балкански портали се "фатени живи" како неферски ја билдаат својата посетеност со помош на трикчиња познати и во македонскиот веб простор - iframe и поддомени.

Повеќе маркетинг агенции во Хрватска добија известување од компанијата Гемиус, која ја мери посетеноста на интернет порталите во регионот, дека неколку веб страни, како net.hr, ги лажираат статистиките со тоа што во вкупната посетеност ги вклучуваат и посетите кои доаѓаат од десетина помали веб страни и портали.

Нетокрација објаснува дека се работи за виџетот на net.hr кои го користат помалите веб страни а кој во себе го содржи Google Analytics кодот и Gemius кодот на net.hr. Ова дозволува посетите на надворешните портали да се бројат и на "сметката" на net.hr.

За подобрување на статистиките порталите користеле и iframe, кој меѓу другото дозволува импресиите и кликовите на посетителот да се сметаат на нивно конто и откако тој ќе премине на друг сајт.

Заради ова компанијата Гемиус воведе нов правилник за мерење на посетите, според кој сообраќајот од iframe повеќе нема да се смета во вкупната статистика и нема да се прикажува, а сите веб страни кои ќе решат да ја прекинат соработката со Гемиус, нема да може да се приклучат во следните 3 месеци.

6 март 2012 - 11:55