Во годината во која се слави 25 години од World Wide Web, а неговиот татко Тим Бернес - Ли апелира да се најдат начини како да се спречи нарушувањето на слободата и приватноста на корисниците, Хафингтон Пост пренесе неколку мислења на експерти како би можел интернетот да изгледа една деценија од денес.
Ова се нивните предвидувања за интернетот во 2025-та година:
Ќе заборавиме дека интернетот постои
Дејвид Кларк од МИТ верува дека со тек на време интернетот ќе се вклопи во позадина на сè што правиме и со тоа ќе стане помалку видлив. Веќе нема да размислуваме за поврзување на интернет или за барање нешто на него бидејќи цело време ќе бидеме онлајн.
Интернетот ќе ни стане најдобар учител
И денес може да биде тоа (ако човек сака), но Хал Варијан од Гугл верува дека токму универзалниот пристап кон комплетно човечко знаење ќе има најголемо влијание врз текот на настаните и развојот на цивилизацијата.
Интернет ќе покаже дека Орвел беше во право
Несомнено е дека интернетот помага во подобрување на медицината, транспортот, едукацијата и речиси сите останати аспекти на животот, но истовремено интернет е и она што го обелодени Сноуден. Ако продолжи растот во првото, нема зошто да не се очекува дека и во второво нема да биде уште полошо. Во класична орвелијанска разврска верува Хонг Ксуе, директор на еден кинески институт за веб политики.
Нема да можеме да се прилагодиме на промените
Луѓето сè потешко ќе се прилагодуваат на брзите промени во развојот на интернетот и технологиите, поради што таквиот развој може да оттргне од контрола и луѓето да не можат на време да ги препознаат сите потенцијални проблеми. Уште Маршал МакЛуан ја има забележано ваквата тенденција кога велеше дека "прво луѓето ги обликуваат своите алатки а потоа алатките ги обликуваат луѓето".
Интернетот ќе ги избрише државните граници
Телекомуникацискиот пионер Дејвид Хјус мисли дека со текот на времето ќе се намали моќта на државите да ги контролираат сите луѓе во границите на своите земји бидејќи нивните комуникации со надворешноста нема да можат да бидат прекинати.
Заради интернетот ќе стануваме сè поосамени
Иако формално ја зголемува интеракцијата со останатите луѓе, интернетот често промовира површни и неодржливи врски меѓу луѓето заради што се чувствуваат изолирано и осамено.
Интернетот веќе нема да постои
Софтверскиот инжинер Роберт МекГрат смета дека постојат 50 посто шанси во 2025-та да нема интернет. Да биде уништен од сајбер напади кои заедно со интернетот, на дното ќе ја повлечат и економијата и светот каков што сега го знаеме.