Фотељата од милион долари

Горе-долу стандардна канцелариска столица деновиве на Амазон беше понудена за 1 милион долари. Склопувањето на столицата чини дополнителни 85,49 долари.

Како и вообичаено сопствениците на Амазон стор картичка добиваат попуст и за овој производ, па нив столицата ќе ги чини 999.960 долари. За членовите на Амазон прајм следува и бесплатен превоз.

Производот има и добри рецензии, па еден корисник пишува дека столицата вредела што ги дал и двата бубрези за нејзе, додека друг пишува дека е „одлична зделка“ додавајќи „не можам да се оттргнам од столицата уште од денот кога ја купив. Порано имав куќа, сопруга и кола, сè продадов за да го купам ова. Тотално вредеше.“

Иако се уште не е јасно како канцелариското столче од Хјуманскејл достигнало милионска сума, Амазон ја коригирал цената откако бил известен за пропустот. По ново, цената е 1.361 долар.

Ни на производителот на столицата не му е јасно од каде нивниот продукт се нашол на Амазон, бидејќи тие не ставаат свои производи на сајтот. Најскапата столица од Хјуманскејл чини 3.174 долари.

8 февруари 2018 - 13:42