Њујорк тајмс објави дека за време на интервјуто Маск се движел од смеа до солзи кога објаснувал како работи по 120 часа неделно, често пати останувајќи во фабриката на Тесла по 3-4 дена без да се прибере. Во исто време бордот на компанијата е загрижен што Маск користи амбиен за да може да спие. Ова некогаш има и спротивен резултат па Маск знае да остане буден во ниедно време и додека е под дејство на лекарства да отвори Твитер.
„Ако има еден НЗС за проблемите на Елон Маск во изминатите два месеца тогаш тоа е Твитер,“ објаснува раководителот на одделот за истражување во инвестициската компанија Лоуп венчурс.
На сите маки на Маск од нигде-никаде се надоврза и раперката Азелиа Банкс, која за својот нов албум соработува со девојката на Маск, Грајмс. По оваа основа таа завршува дома кај милијардерот чекајќи да почнат да снимаат. Од сето тоа излегува сосема посебна драма, за која Азелиа се отвори на Инстаграм меѓу другото споменувајќи и дека Грајмс го прекорувала Маск што бил „премногу глуп и одел на Твитер додека бил на ЛСД.“
Коментарите на Азелиа следуваат еден ден откако Маск објави на Твитер дека обезбедил пари за да може да ја тргне Тесла од берзата. Овој твит не само што му направи хаос во однос на вредноста на Тесла на берзата, туку му донесе на Маск и неколку тужби од инвеститори и потенцијална истрага од властите.
Ни еден месец пред сето ова твитање околу купување на акциите на Тесла, Маск на Твитер ја спука со Британецот нуркач кој помогна во спасување на децата заробени во пештера во Тајланд, нарекувајќи го „педофил“.
Во еден од обидите за позитивен пи-ар, Маск имаше две интервјуа со јутјуберот Маркес Браунли (едното изгледано речиси 4 милиони пати, а другото над 2 милиони пати), каде крајно нормално разговараше за работата и плановите на Тесла за во иднина.
На долг рок, барем до крај на годинава, Маск е во тесно и со покривање на производството на Модел 3, кое никако да му тргне со посакуваното темпо кое би требало да ја извади компанијата од минус. Процените се дека Тесла ќе треба да собере дополнителни 10 милијарди долари за да може да почне да развива и произведува електрични камиони и за да го оствари најавеното проширување во Кина. Плус ќе треба да покаже дали навистина Саудијците се подготвени да извадат пари и да го финансираат планираното повлекување од берзата.