Анализата на истражувачи од Јеил, Кингс колеџот од Лондон и Доктори без граници покажува дека доза Оземпик може да биде произведена за 89 центи со вклучен профит, или 4,73 долари за 1-месечна терапија (по една доза неделно).
Од Ново Нордиск не даваат пресметка за тоа колку пари ги чини производството на Оземпик, ама затоа објаснуваат дека имаат 6 милијарди долари капитални трошоци и уште 11 милијарди долари за купување на производствени капацитети, како дел од планот за задоволување на глобалната побарувачка за лекот.
Истражувачите заклучиле дека Оземпик може да биде произведен поевтино отколку најразлични форми на инсулин, лекот кој со децении се користи за третирање дијабетес.
Тие откриваат дека најголемиот трошок во производството на Оземпик не се медицинските состојки, туку пенкалата кои се користат за инјектирање на лекот. Пенкалото се користи еднаш неделно и трае еден месец.
Наспроти ова, самиот лек може да се произведе за 7,2 центи за неделна доза или 29 центи за месечна терапија. Пазарната цена на семаглутидите, на кои се базира Оземпик, е 70.000 долари за килограм.
Другите трошоци се полнење на пенкалото, за што се плаќа 20 центи за месечна доза и останатите хемиски состојки, чија вредност се проценува на 15 центи за месечна доза.
Во 2024 вкупната продажба на Ново Нордиск на Оземпик и Вегови (верзијата на Оземпик намената исклучиво за слабеење) ја надминува границата од 18 милијарди долари.