Роди ме мајко стажант, и фрли ме во Силициумска долина

Моментално технолошките компании (низ светот) прават и трошат неверојатни суми пари. На толку пари, добро проаѓа и најдолниот сталеж во која било компаниска хиерархија - стажанти. (Забелешка, нивното добро, е наше спектакуларно.)

Ако ги собереш на куп парите, стажант на Куора заработува над 100.000 долари годишно (во сумата се вклучени и парите што ги добиваат за сместување), додека стажант во ФитБит месечно заработува 9.300 долари.

Според списокот, најдобро се платени стажантите на Џејн Стрит, сo 10.400 долари месечно, а добра комбинација имаат тие што се привремено во Микрософт (Сиетл) кои добиваат 6.000 долари месечно + 2.500 долари за кирија и бонус од 5.000 ако претходно работеле како стажанти кај нив.

Од големите, Епл дава 6.000 долари за стажирање + 3.500 месечно за кирија, Гугл е 7.000 месечно + сместување, Дропбокс е 8.500 месечно + сместување, Фејсбук 6.800 + сместување.

Треба да се има предвид дека ова се најчесто луѓе кои работат на неколку месеци, и на кои никој не им гарантира дека ќе продолжат на местото или работата што ја имаат. Сумите се сериозни и за американски стандард, каде просечната плата на американско ниво е околу 44.000 долари годишно.

Ниту една компанија ги нема потврдено сумите, а листата на плати на стажантите прво ја објавува жена по име Џесика Шу, за подоцна со слични бројки да излезат и Бизнис Инсајдер и Блумберг.

25 ноември 2014 - 10:47