На Кина и стана за 80 милијарди долари подобро

Како до сега да не и одеше добро, па Кина преку ноќ стана домот на пештера преполна со злато со потенцијална вредност од над 83 милијарди долари, што е можно да е најголемото наоѓалиште на скапоцениот метал во светот.

Се работи за „суперџиновски“ депозит на високо квалитетна златна руда, откриен во близина на постоечки рудник на злато во земјата.

Локацијата е полето Вангу во североисточниот дел од провинцијата Хунан, каде работниците откриле над 40 вени со злато, кои содржат околу 300 тони злато. Резервите се на длабочина од 2.000 метри. Со дополнително скенирање и 3Д компјутерски модели, рударските експерти проценуваат дека до длабочина од 3.000 метри ги чекаат уште 1.000 тони злато.

Доколку ова се точни бројки, резервите се проценуваат на 83 милијарди долари.

Научниците соопштуваат дека се работи за наоѓалиште со просек од 138 грама злато на еден тон руда, што е релативно високо во споредба со другите рудници за злато низ светот.

Претходно, најголемото наоѓалиште на злато се наоѓаше во Јужна Африка со проценети залихи од 930 тони.

Иако Кина моментално е најголемиот производител на злато таа и понатаму користи три пати повеќе злато отколку што може да ископа, заради што и увезува од земји како Австралија и Јужна Африка.

Со сегашната потрошувачка, новооткриените резерви би можеле да ги покријат потребите на земјата за некои си 1,4 години.

29 ноември 2024 - 10:54