До пред некој година Златна зора, со нивното лого налик Свастика, беа маргинална десничарска група. На минатите избори тие освоија 7% од гласовите и добија 18 седишта во парламентот.
Корените на организацијата се од 80-те години, кога Николаос Михалолијакос (нивниот лидер) со неколку приврзаници го стартува десничарскиот магазин Златна зора. Претходно Михалолијакос долги години бил активен во десничарската политика, тој дури и служи затвор во 1974-та и 1976-та, за напад на левичарски активисти за време на демонстрации. Додека е во затвор во 1976-та, тој запознава еден од лидерите на грчката воена хунта (што владееше од 1967-ма до 1974-та) со чија помош ги поставува темелите на идната партијата Златна зора. По излегувањето од затвор, тој се пријавува во грчките Специјални сили од каде подоцна е отпуштен без почести заради неговите нацистички ставови.
Од комплетно небитна партија во 2005-та, популарноста на Златна зора полека почнува да расте како што расте и грчката криза. Додека дома Грците постојано слушаа вести за нови отпуштања и нови долгови, странските вести речиси и да беа обединети дека Грците се мрзлива нација која само сака да живее од парите на Европа. На Грците им требаше некој да им даде кураж, Златна зора ја искористи шансата.
Во времето кога ММФ се обидуваше да ги наметне мерките за штедење, комплетно неочекувано Златна зора се побуни против овие одлуки, колнејќи се дека ќе го брани грчкиот народ од "мрачните центри на моќта," кои сакаат да го поробат.
Нивните политичари се сериозно навлезени и во бизнис светот, каде што постојано ја демонстрираат својата подготвеност да се "справат" со левичарските синдикалци. Таков беше случајот со работниците од еден казино ресорт во Лутраки (во близина на Атина) кои заради судирот со менаџментот решија да го блокираат патот до казиното. Придружен со десет телохранители, новиот пратеник од Златна зора, Ефстатиос Бокурас, отиде на лице место и им се закани на штрајкувачите, порачувајќи им "нема да дозволиме комунистите да прават како што сакаат."
Златна зора и финансиски им помага на одредени бизниси, а пред некое време извади од долгови и еден фудбалски клуб. Тие активно ја подржуваа Банката на Пиреа во купувањето на Агротики (државна банка), за која се сомнева дека е купена со сомнителни фондови на партијата. Врската меѓу Златна зора и Банката на Пиреја? Адвокатот на банката, Такис Михалолијакос, е брат лидерот Николаос Михалолијакос.
Во ноември Златна зора стави вето на предложеното зголемување на данокот на бродскиот превоз и услугите поврзани со него, кој е еден од финансиски најактивните сектори во Грција.
И покрај тесната соработка со бизнис елитата, партијата постојано се преставува како сојузник на народот, делејќи храна и организирајќи јавни кујни.
За време на изборите, речиси половина од грчката полиција гласаше само за оваа партија. Меѓутоа соработката меѓу полицијата и Златна зора потекнува од пред повеќе години.
Во 2009-та по еден масовен протест во Атина против поддршката на расизмот од страна на државата и соработката на полицијата со фашистичките групи, со молотови коктели беше нападнато седиштето на една анархистичка група.
Дента, Министерот за Јавен ред (познат по учеството во огромниот скандал со Сименс и по неговите про-Наци гледишта) се сретна со членови на Златна зора. 20 минути по состанокот група од Злата Зора си замина од местото и со молотови коктели ги нападна членовите на Villa Amalias. Нападот бил успешно одбиен од анархистите, кои некако успеале да се заштитат. Ова било прв пат од воената хунта, грчки министер да се сретне со фашистичка група.
Истата анархистичка група, Villa Amalias од 20-ти декември 2012-та со интервенција на полицијата е избркана од нивните простории, под оправдание дека просториите се користеле за трговија со дрога. По ова, новиот министер за јавен ред, објави дека нивните докази "покажуваат дека Вила 22 години била центар на беззаконие и дека сега конечно редот е воспоставен." Според полицијата, празните пивски шишиња откриени на локацијата биле "материјали за правење молотови."
Цело ова време антифашистичките организации прават најразлични средби и протести во Атина за спречување на расизмот и фашизмот. Тие дури и почнаа да организираат моторизирани патроли, кои би требало да ги штитат луѓето од приврзаниците и членовите на Златна зора, а одредени групи започнаа и со директни напади на канцелариите на Златна сора. Сите овие организации се очекува на 19-ти јануари да се соберат во протестот против фашизмот во земјата. Тие истовремено повикаа и на поддршка од другите антифашистички организации низ Европа.