Планот на владата е да се изгради нов и поголем камп од речиси 55 милиони евра (Затворен центар со контролиран пристап), кој ќе го замени постојниот камп на островот и ќе биде со капацитет од 1.230 бегалци.
Локалците од Хиос се мобилизирале уште вечерта пред пристигнувањето на бродовите и веќе утрото стотици луѓе биле на пристаништата во Хиос и Места, каде го спречиле закотвувањето на бродот.
Грчкиот министер за миграција, избран како пратеник на Неа Демократија од островот, порача дека една од целите на новиот камп е и да ги заштити локалните жители.
Од Хиос бродот се упатил кон соседниот Лезбос, меѓутоа и таму не му било дозволено да ја истовари машинеријата, туку само камионите со намирници за островот.
„Ги повикуваме работниците и институциите на Лезбос да се кренат. Владините планови за изградба на нови приемни центри нема да бидат прифатени. Локалните заедници на Хиос и Лезбос го кажаа своето: нема нови мигрантски центри без разлика дали затворени или отворени,“ стои во соопштението од Пан-Лезбос работничкиот центар.
По неуспешната мисија на двата острова, бродот заедно со градежната механизација, багери и камиони, се вратил во Солун.