Само за одбраната на Анте Готовина, Младен Макраќ и Иван Чермак, Хрватска за 6 години има одвоено над 30 милиони евра. Од овие пари само во 2010-та, имаат дадено 7 милиони евра. Според пресметките на адвокатот Тома Фила, истата година Србија за своите затвореници во САД одвоила 190.000 евра.
"Првиот босански Хрват во Хаг, генералот Блакшиќ, го бранеше американски адвокат. Судијата Мерон му ја намали првостепената казна од 25 на 10 години. Издржа две третини од тоа и си отиде дома. Вкупните трошоци од 12 милиони евра ги плати Хрватска," објаснува Тома Фила, кој во неколку случаи беше адвокат во Хаг.
Освен одбраната, пари добиваат и семејствата на обвинетите. Сите семејства имале "ол-инклузив" сместување во Хаг, а на месечно ниво добивале апанажа помеѓу 2 и 5 илјади евра (во зависност од функцијата на обвинетиот).
Другите бенефиции за семејствата се - авионска карта во секое време до Хаг и назад, платена од државата. Потоа во Амстердам ги чека службен автомобил од конзулатот кој им е на располагање за сите посети на судот. Сместувањето во хотел е на сметка на државата.
Во овие пари не се влезени средствата што Хрватска ги трошеше на лоби групите и на конгресмени и сенатори кои требаа да им помогнат во нивната кауза.
Во исто време косовската влада за одбраната на Рамуш Харадинај плати меѓу 8 и 9 милиони евра, ангажирајќи ја за тоа адвокатската канцеларија на сопругата на Тони Блер.