Проблемот на Грците е што не сите нивни партнери се идентично ентузијасти околу предлогот за сертификати за вакцини или пак ни приближно не им се брза како на нив.
„Некои држави се премногу преокупирани со сега,“ е изјавата на грчкиот министер за туризам, а се однесува на незаинтересираноста на северните членки на Унијата околу планирањето на економското закрепнување за летово.
Една од причините за нечкање околу пасошите е стравот дека пасоши за вакцинираност ќе предизвика јавен гнев, па и судски тужби, од оние кои ќе бидат спречени да патуваат само затоа што не дошле на ред да се вакцинираат.
За сега процената на дипломатите е дека скорешното прифаќање на овој систем е малку веројатно „заради стравот од поставување на дискриминаторен систем во однос на правото на граѓаните за патување“ кои според него би биле поделени во две групи.
Појаснувањето на министерот Теохарис е дека пасошите повеќе ќе бидат за мир на самите туристи, бидејќи тие нема да бидат задолжителни за влез во Грција туку само ќе значат дека туристите нема да мора да се тестираат при влез во земјата.
Грција за планот доби поддршка од државите со голем туристички сектор, меѓутоа не и од државите со голема тежина како Франција и Германија. Брзањето на Грција е затоа што „луѓето веќе треба да си го планираат одморот“.
Грците панично гледаат на одлуките на секоја побогата европска влада, како пример британската која неодамна ги предупреди своите граѓани да не одат на одмор во странство и покрај тоа што земјата има успешен почеток на вакцинацијата.
„Не ја разбирам ваквата порака. Луѓето во Британија можат да се вакцинираат... Не гледам како сега може да се враќаме чекор наназад во моментот кога располагаме со повеќе алатки за справување,“ изјавил грчкиот министер за туризам.
Процените на О.Н. се дека недостатокот на туристи минатата година збришал 4% од БДП-то на Грција, а дека приходите на хотелите и останатите туристички капацитети се намалени за две-третини.