Имигрантите главно бегаат од Грција по две основи, прво нема пари, второ има многу гневни Грци наострени да тепаат имигранти. Иако бегството од Грција во ЕУ теоретски е најлесно да се направи по една од редовните бродски линии Грција - Италија, проблемот е што Грците се крајно педантни на граничните премини кон ЕУ.
Свесни за ова, бегалците својот пат кон Европа (буквално) го чекорат преку Македонија. Имигрантите се собираат и патот го почнуваат од Кукуш. Во Македонија влегуваат по три главни линии - преку железничката пруга, преку полињата паралелно со автопатот и најчесто по патеките што водат по брегот на Вардар.
Откако ќе влезат преку границата кај Богородица, тие ја препешачуваат цела Македонија додека да стигнат до Лојане, кое е на самата граница со Србија. Во Лојане чекаат и по неколку денови се додека не решат дека е безбедно да минат преку некој од дивите гранични премини. Во Лојане селаните им изнајмуваат соба или некоја просторија за околу 5 евра од вечер. Ако е добро времето тие остануваат на отворено.
Овој дел од патувањето (до влегувањето во Србија) ги чини 1.500 евра, пари кои ги плаќаат во Грција, а нивниот водич ги добива само откако безбедно ќе стигнат во Србија. Последна точка во Србија им е Суботица, а од таму преку Унгарија гледаат да завршат во Германија или Шведска.