Не станува збор за некои нови сепаратистички барања на северот, туку од партијата објаснуваат дека ова е реакција на "најновите испади на претседателот на Србија, Томислав Николиќ во врска со случувањата во Босна и Херцеговина."
Претходно Николиќ за референдумот на Република Српска изјави дека тој "ја покажал волјата на граѓаните" и дека тоа "не треба да остане мртов збор на хартија."
"Му порачуваме на Томислав Николиќ, дека ако легалните одлуки на највисоките правосудни институции на една суверена држава можат да се рушат со референдум кој се организира на дел од територијата на државата, тогаш ЛСВ предлага слична пракса да се воведе и во Србија," стои во соопштението на ЛСВ, во кое се наведува и референдумското прашање.
Освен предлог-референдумот Чанак наведува и дека се осудува "военохушкачката реторика на Томислав Николиќ, заради тоа што соседните и суверени држави ги нарекол 'српски земји'," бидејќи тие земји имаат свои меѓународно признаени имиња.