Потребни состојки:
- таљатели паста
- пршута
- маслинки
- шери домати
- доматен сос
- лук
- путер
- пармезан
- сол
- бибер
- кафеав шеќер
Многу е добро да ме имаш за другарка! Сакаш да направиш нешто за јадење, јави ми се! Сакаш да прашаш за некој рецепт, јави ми се! Ти се јаде во ниедно време и заедно седиме, ма не е проблем, станувам и готвам! Добро, не секогаш станувам, ама станувам! Оваа паста така се најде во моите рецепти. Си седевме кај другарка ми Маруше дома и си зборевме за смислата на животот. Испивме по едно до две вискија, ни се раскопа желудникот и нормално станавме гладни.
- Еј, Соф, ај да нарачаме храна.
- Мхм..ќе нарачуваш храна..сега..во 12 на полноќ..е баш ме интересира од каде!!
- Еј, да беее..еј, ми текна!!! Ти зготви нешто! (со сјај во очите)
- Значи теоретски шанси нема у 12 да готвам!
- Ајде беее, еве, еве што се имам.. (вади се од фрижидерот)
- Добро! Ајде! Дај, да видам што имаш! (нервозно, ама среќно)
Она се шуњаше околу мене и снимаше, јас се испрскав со семки од шерито, она се смееше, јас се нервирав, она уште повеќе се смееше и на крај ја скоцкавме пастата и беше неверојатно добра!
Чекори за подготовка:
- Во тава ставете малце маслиново масло, исцепкајте ја пршутата и ставете ја да се запржи.
- Додадете ги маслинките, без семка се разбира.
- Додадете ги шери доматите, пресечени на пола и свртени со рамната страна надоле. Секое доматче ќе го стиснете одозгора за да го извадите сокот од нив.
- Додадете една лажица путер, едно чешне лук, ситно сецкано. Зачинете со сол, бибер и кафеав шеќер. Кафеав шеќер ставаме за да ја убие киселината на доматот. Промешајте убаво и додадете доматно пире (томатело, мути и сл.)
- Додека си се крчка, сварете ја пастата, овие што ги имаше Маруше се вареа за две минути, па затоа толку касно ги ставив да се варат. Вие направете си ваш тајминг, се во зависност колку време за варење ви пишува на пакетчето. Додадете уште една лажица путер за да биде побогат вкусот. Ставете ја пастата и промешајте.
- Убаво измешајте за сегде да се нанесе сосот. Со лажица и вилушка намотајде поголема количина и послужете ја во убава чинија. Наросете со пармезан, малку бибер и босилек доколку ви се наоѓа. Наточете си една чашка вино и уживајте!