Хроно мусака

Да знаев дека е волку вкусна, ќа си ја правев и порано!

Потребни состојки:

  • 500гр мелено месо (јунешко или свинско)
  • 1 модар патлиџан
  • 2-3 тиквици
  • 1л доматен сос
  • кромид
  • сол
  • бибер

Пола живот бев спортист. Се имам изнавежбано и изнајадено здрава храна за цел живот.

Но, во животот после сето тоа, ти се случува зима и сите празници, и сите слави и мрсни јадења, и сите руски салати и кифлици, и седење дома пошто ти е ладно и нарачување пици и остали чуда, и додека се свестиш, веќе не те собираат фармерките!

Е сега, од тука почнуваат оние други непријатности. Сакаш да се дотераш, ама ништо не ти стои. Сакаш да го заведеш партнерот, а се чувствуваш комплетно несекси. Сакаш да го облечеш најомиленото парче облека, а не те собира повеќе. Е тука веќе, застануваш пред огледало и си се обраќаш на себеси: “Па добро бе, зошто?!“, а твојот одраз ти враќа со шамари: “Е па, пошто јадеше ко да не постои утре и многу ти беше убаво, ете затоа!!!“

Сум била на секаков вид на исхрана, но можам да кажам дека оваа хроно исхрана многу ми се допaдна и многу ми одговара. Еве веќе десетина дена терам, па ќе видиме до кога. Затоа денес на мени хроно мусака.

Чекори за подготовка:

  1. Во пошироко тавче ставете маслиново да се загрее и запржете го кромидот. Јас ставив пола средна главица. Додадете го месото и пропржете го убаво. Зачинете го со сол и бибер. Можете да додадете и малку лут зачин, како на пример чили, се разбира доколку тоа го сакате.
  2. Додека си се пржи месото, исецкајте ги тиквиците и модриот патлиџан на крукчиња. Земете тава или огноотпорен сад и намачкајте го со маслиново.
  3. Наредете ги кругчињата од тиквица во еден ред, потоа ставете од месото. Наредете го модриот патлиџан, па повторно од месото. Последниот ред ќе ви биде од остатокот крукчиња од тиквиците.
  4. Полијте одозгора со доматниот сос, зачинете со сол и бибер и ставете ја да се пече на 200 степени околу еден час. Доколку имате многу течност после еден час, допечете ја уште онолку колку што мислите.
  5. Извадете две парчиња, послужете ја со зелена салата и краставица или нешто по ваш избор. Уживајте!

Хинт:

Доколку имате домашен доматен сос, тоа би било совршено!
26 април 2018 - 15:53