Потребни состојки:
- бургер лепче
- плескавица (Блек Ангус)
- кромид
- кафеав шеќер
- оцет балзамико
- кашкавал
- сланина
- домат
- ајсберг салата
Многу љубам бургер. Ама многу!
Во потрага сум цело време, не само во нашиов град, туку секаде каде што патувам. Признавам, до сега, на прво место ми е "FoodPorn" во Солун. Е таму го имам јадено врвот. Инспирирана од нив, бидејќи нивното месо е од "Блек Ангус" решив да си уживам дома ама со добар бургер.
Пред да ви го претставам бургерот, дозволете прво да ви објаснам за Блек Ангус или на англиски Black Angus. Ова е еден вид на посебно говедо кое е препознатливо по својата боја, црна нели и по тоа што нема рогови. Нема да ве замарам со историја, од каде и како потекнува, туку само ќе ви кажам дека месото од ова говедо спаѓа во премиум класа. Најпозната во Америка и Австралија, па и во Европа. Доколку сте пробале, знаете. Доколку не, време е тоа да го направите.
Она што е добро во овој рецепт е што плескавицата е веќе готова, а истата ќе ја најдете во Деликатесен Тинекс во замрзнатиот дел. Пакувани се по две, а и цената за премиум месо е комплетно достапна. Нека не ве плаши тоа што е замрзната, верувајте дека е неверојатно добра. Искрено, сакав да направам моја варијанта на бургер, но тоа ќе го оставам за подоцна. Еден ден, ветувам, ќе ве изненадам.
Чекори за подготовка:
- Прво нешто што ќе почнете да правите е кромидот. Ова за мене е најбитниот дел. Ќе го карамелизирате, а то ќе го направите на следниов начин. Исечете го на кругови и ставете го да се пржи во тава со веќе загреано масло.
- Промешувајте од време на време и пржете го додека не се кристализира, додека не омекне. Додадете балзамико, количина отприлика како што зачинувате салата. Промешајте и додадете 3 лажици кафеав шеќер. Мешајте убаво додека не испари алкохолот во оцетот и додека не се згусне. Оваа постапка ќе ви трае вкупно 25-30 минути. Кога ќе биде готов кромидот, тргнете го на страна.
- Во грил тава, запржете ја сланината.
- Кога ќе биде готова, исто така тргнете ја на страна и во истата тава ставете ја плескавицата. (од преголема возбуда авторот не успеа да слика, поточно заборави)
- Земете го лепчето. На долниот дел ставете му сос по ваш избор, јас му ставив Полинеза од Полимарк. Тоа е некоја комбинација на кечап и мајонез со зачини, фин е. Парче кашкавал (за бургери секогаш го користам оној од кесички, по ми личи некако), плескавицата одозгора, уште едно парче кашкавал и карамелизираниот кромидот врз него.
- На ред е сланината, не ја заборавајте (умрев по сланина), па парче ајсберг, па домат и на крај горниот дел од лепчето кое го намачкав со сенф. Се разбира, не заборавајте помфрит. Е па, мислам дека ова врвот! Јадете, уживајте и испуштајте природни звуци.