Потребни состојки:
- свински ребра
- барбикју сос
- јаболков оцет
- ворчестер сос
- чили сос
- сол
- бибер
Се шетам низ маркет и го среќавам Цацо (градски лик). Низ регуларни муабети "што правиш, како правиш, што има ново" ми кажува дека ќе спрема ребра и дека едвај чека. Му велам "Одма да кажеш како ги правиш!". Нормално, ми кажа се што требаше да ми каже и ме стави во мисла. Ребрата ги пече 8 саати!!! Во главата си правам план кога и како да го изведам тоа.
Убава сончева сабота. Јас со другарките на кафе, се вртат општи муабети. По некое време едната дава идеја да правиме ручек во недела. Има нова кујна, па мерак ѝ беше да ја испробаме. Сите сложно во исто време почнавме да ја поддржуваме "да, да" "ајде бе" "што ќе се јаде" "еј, супер"... Ја велам "ми текна, ќе ги правиме ребрата." Во истиот моент станавме и тргнавме по намирници. Во меѓувреме, почнав да сметам во колку треба да ги ставам да се печат за да бидат готови на време. Ќе се станува рано, тоа е.
Во 9:00 бев нацртана кај нејзе и ме пречека со зборовите "Не си нормална". Бев превозбудена!
п.с. од превозбуденост ми фалат некои слики, но не се секирајте, толку е едноставно што нема ни да поверувате!
п.п.с. да, ова се втори барбикју ребра што ги правам, но верувајте дека ништо не е исто.
Чекори за подготовка:
- Вклучете ја рерната на 110 степени со опција горе-доле. Земете го реброто цело и големо, такво како што е. Ова што го печев беше 2,5 кг :). Засечете го одозгора во линии на далечина од 2-3 сантиметри, не многу длабоко, за да може убаво да навлезе сосот во месото. Зачинете го со сол и бибер од двете страни и ставете го во тава.
- Во помало тенџерче ставете ги сите останати состојки. За таа килажа на месо јас имав околу 400мл сос. Значи по ред, барбикју сос побајаги (јас имав два различни) околу 250-300 мл, јаболков оцет 50 мл, ворчестер сос, чили сос, сол и бибер. Можете и соја сос ако сакате да додадете, јас во моментот немав. А ова е тоа што го имав.
- Мешајте убаво додека не почне да врие. Ова го правиме за да се соединат убаво состојките. Го полевате цело ребро и убаво го размачкувате насекаде, да биде покриено со сос.
- Тавата ја затварате со многу алуминиумска фолија. Причината за тоа е да не излегува воздухот и самото ребро да се готви во своите испуштени течности.
- Го ставате на средина во рерна и го заборавате во нареднте седум саати.
- По изминатото време, ја вадите тавата, ја тргате фолијата. Во тој момент ќе видите во колку многу течности се има готвено реброто. Го премачкувате убав слој само со барбикју сос, ги враќате во рерна и ја зголемувате температурата на 200 степени во наредниот и последен саат.
- По осумчасовно готвење, го вадите совршенството, почекајте 5 минути и полека пробајте да го префрлите на убава дрвена даска или убава чинија, ваш избор.
- Она што мене ме фасцинираше е со каква леснотија ги извадив коските.
- Сосот од тавата префрлете го во некое тенџерче и ставете го да врие се додека не се намали на пола. Вишокот на вода ќе испари и сосот ќе се згусне. Ова се вика редуцирање.
- Месото е одморено, сосот е згуснат и совршен. Пресечете едно парче, полијте со сос и доживејте ја гастрономската нирвана. Ух!