Реквием за карираното ќебе: Мезе за пикник

Во време на интензивно барање „дик-пик“, и те како ни е потребно враќање кон легендарниот пикник.

Пикникот, драги читатели, е изумрена дисциплина, жртва на нашата опсесија со ергономски офис столици и климатизирани простории. Некогаш, пикникот беше врхунац на социјалниот престиж - настан каде што нашите предци (звучи како да праам муабет за хомоеректуси, не за родителите), со религиозна посветеност, влечеа тешки карирани ќебиња и сервиси чаши во дивината, само за да му пркосат на сонцето дека можат да пијат ракија ладена у река и покрај неговите врели напори.

Тоа беше време кога „да се излезе во природа“ не значеше само да се направи селфи на некој видиковец, туку вистинска логистичка операција која бараше стратешко планирање рамно на воена инвазија. Денес, пикникот се сведе на пластичен сад со авокадо бранч на клупа и тажно гледање во телефонот.

Но, ние не сме од таа екипа. Ние сме тука да ја вратиме честа на јадењето под отворено небо со мезе кое е истовремено брутално искрено и претерано претенциозно. Денес ќе докажеме дека индустрискиот чипс заслужува да се дружи со елитата - сардини, пршута и капари. Ова е спој на „купив сè од маркет набрзина“ и „јас сум кулинарски генијалец што умее да експериментира“.

Потребни намирници

  • 1 големо пакување чипс. Клот, без зачини
  • 1 конзерва сардини во маслиново масло
  • 100 гр тенко сечена пршута
  • 10-12 зелени маслинки со висок квалитет
  • 1 лажица ситен капар
  • Китка свеж босилек и магдонос

За сосот:

  • 3 полни лажици мајонез
  • 1 лажичка сенф
  • Сок од половина лимон (свежо исцеден)
  • Ситно сецкани свежи билки

Постапка

1. Чипс архитектура
На голема бела чинија или дрвена даска, распоредете го чипсот во еден до два слоја. Внимавајте да не го скршите; ни требаат цели парчиња кои ќе служат како „лажички“ за останатите состојки.

2. Подготовка на протеините 

Извадете ги сардините од маслото и нежно поделете ги на филети или покрупни парчиња. Поставете по едно парче риба врз секое поголемо парче чипс. Пршутата искинете ја на долги ленти и нежно вметнете ја помеѓу чипсот, создавајќи брановидна структура која му дава висина на мезето.

3. Солени акцентирања
Распрскајте ги маслинките и капарот врз чинијата. Капарот е клучен бидејќи неговата киселост го пресекува масното чувство на чипсот и рибата.

4. Емулзија од билки 

Во мал сад, измешајте ги мајонезот и сенфот. Додадете ги ситно сецканите билки (магдоносот и босилекот треба да бидат речиси како паста). Полека додавајте го лимоновиот сок додека мешате. Сосот треба да биде доволно течен за да може да се прска, но доволно густ за да остане таму каде што ќе капне.

5. Финалето
Со лажица внимателно поминете преку целата композиција, оставајќи траги од сосот врз секој елемент.

Без разлика дали сте од тимот пиво, вино, жестоко, ова брзинско мезе е одличен фикс за сите видови планирани и непланирани пикници. Плус врие од протеини, ама ова не е рубрика за фитнес.

На здравје.

Кирил Стоименов - пик(Чачак)ник

7 март 2026 - 13:51