Многу важниот долг текст за кој сите зборуваат

Еве една анегдота за еден мал и навидум неважен настан кој се случи пред повеќе години, 2009 или така нешто. Во него нема никого за кој некогаш сте чуле и искрено не е толку интересен. Ама верувајте ми, кога конечно ќе стигнете до крајот на ова, сè ќе ви има смисла, и ќе се чувствуваш како сè - буквално секое прашање што некогаш си го имал околу светот - одеднаш да си дошло на свое место. Ќе искусиш чувство на задоволство што ретко кој човек знае дека постои. Сериозно, верувај ми! Ќе биде одлично.

Се што треба да направиш е да го прочиташ остатокот од овие 18.564 зборови.

Ух, здраво! Извини, требаше да се претставам. Сакав само да ти покажам како ќе изгледа сторијата што следува! Јас сум многу важен долг тест за кој сите зборуваат, текстот што секој човек кој го знаеш веќе го има прочитано. Точно, јас сум неверојатно обемно парче журнализам што твојот шеф, твоите колеги, и твојот најдосаден Твитер другар веќе го имаат распослано низ социјалните мрежи со коментар „Ова.“ Нема на што!

Прво, мило ми е што си тука. Тоа покажува дека конечно те стигнало доволно интелектуална вина за да го зграбиш овој вистински огромен бик за неговите непотребно речити рогови. Почестен сум што беа потребни само приближно 14 разговори во кои луѓето те прашаа дали си ме дочитал, а ти потоа одговори со демек засрамен тон „ух, неее, жал ми е, го мислам!“ за конечно да решиш да го направиш тоа.

Веројатно најдобрата работа кај мене е што комбинирам детално разработени политички анализи, истражувања на екстремно збунувачки парнични процедури во големи но досадни организации, многу табели со податоци и такви срања, и еден многу долг сегмент за тоа како сето ова влијае на економијата. Само почекај да дојдеш до делот каде испробуваме некакво експериментално форматирање на текстот бидејќи цела недела го тормозевме дизајнерскиот тим да работи до доцна. Има да молиш за смрт!

Леле другар колку сум долг.

Сега веројатно почна да ги разгледуваш своите опции. Си мислиш „океј, само ќе го ѕирнам делот со бројките, и ќе продолжам на поинтересните работи и пак ќе ја сфатам поентата, така?“ Не е така! Всушност, без комбинирање на секој еден збор од супер-долгиот и апсолутно непотребен економски сегмент од текстот, нема да имаш ни бледа претстава за што се зборува во вториот дел од ова.

Исто така треба да те предупредам: Воопшто не ни има нешто многу интересни делови!

Фрли поглед низ канцеларија. Сите тие луѓе веќе ме имаат прочитано. Ги гледаш двајцата кај тоа глупиот кафемат? Тие тераат навистина интелектуален сочен муабет за мене. Еден од нив е супер важен човек. Се кладам дека другиот остава одличен впечаток врз важниот. Се кладам дека таа ќе добие големо унапредување заради тоа колку паметно звучи во моментов. Тоа можеше да бидеш ти, ако завршеше со читањето минатата недела, како што вети. : (

И сега стигнуваш до делот од текстот кој е вистинска мака за поминување. Колку е мачно. Тотален масакар на што и да ти останало од концентрација. Сега би било одлично време за да провериш Инстаграм, нели? Нормално дека веќе проверуваш, така? Да. Знаев дека си премногу мрзлив за да го завршиш овој невесел, колосален литературен труд.

Да не мислиш дека заборавив за правните работи? Тоа е во следните девет страни, па затоа врзи се! Таман кога ќе помислиш дека ќе ја свртиш страната и конечно ќе сфатиш што е рекетирање, нема, затоа што и понатаму имаш уште осум страни од тоа. Во моментот, ти веќе ни си ни сигурен дали рекетирање е нешто добро или лошо! Се што ти треба е една суптилна насока во контекст, и добар си, ама дали ќе ти го дадам тоа?

Хахахах, нема!

Искрено, се залажуваш себе си. Дај прескокни до крај.

Не се ни малтретирај со овој дел. Тука забегувам во сосема друга тема и вклучувам нови луѓе во приказната и не ми е ни гајле за тоа.

Всушност, ни со овој.

Сериозно, ок е. Нема да ги разбереш следните неколку графи. (Извини „граф“ е скратено од „параграф“. Би го знаел ова кога би знаел што било за новинарство.)

Боже. Ова станува непријатно и за двајцата. Дај веќе еднаш скокни до крајот. Ајде. Ќе се преправам дека не гледам.

Честито! Стигна до последниот параграф од ова пеколно огромна смеса од зборови. Се шегувам. Знам дека само ја прелиста, црву еден патетичен, освен тој делот во средина што го мислеше дека е фото-есеј, а всушност е серија реклами за Таргет. Ама ок е, бидејќи сите паметни луѓе во твојот живот веќе се префрлија на мојот роднина, „Неверојатно поларизирачкиот став за кој си премногу емоционално истоштен за да се справиш во моментов“. Ајде сега врати се на читање Вирал Баз Панда или која и да е штампарија за содржини што твоите мрсни прсти моментално ја скролаат.

И не дека тебе ти е гајле, ама мојот крај е убаво составен заклучок на анегдотата од претходно. Најголем дел од луѓето плачат кога ја читаат. Ама, ок е.

Лузер.

Ребека Џенингс

10 март 2018 - 15:09