Родителски писма на читатели

Се приближува крајот на учебната година, а одделението на нашите петтоодделенци денеска се запозна со 17тата наставничка во нивното досегашно образование. Седум од нив се сменија само во оваа година (ако не ги сметаме еднодневните замени од страна на вработените во училиштето). Во последниве неколку дена, мислам дека единствено обезбедувањето не им предаваше на овие деца...

Во ова одделение предаваа наставници/чки кои немаат поминато обука за ИБ програма, наставници кои се нови во училиштето, оние за кои другите одделенија потпишуваа петиции да им се заменат, наставнички кои најавиле боледување, оние кои се враќаат од боледување, некои кои најавиле дека ќе ја напуштаат земјата и оние кои се предомислиле и одлучиле да се вратат. Претежно се работи за одделение кое служи за закрпување на дупките во О.У. Браќа Миладиновци.

Последната таква мерка се случи токму сега. После толку промени, учениците конечно се навикнаа на наставничка која ги учеше неколку месеци, која добро ги запозна и засака. Но, поради нови кадровски промени, оваа единствена надеж им беше одземена како мајка од пилиња. Таа беше единствената која навистина им се посвети, ги бодреше и имаше верба во нив, беше единствената од цел тој список на наставници која не им велеше дека не се доволно добри, дека “не можат да се мерат со другото одделение”, дека “ги срамат родителите” и дека нивните родители “немаат со што да се гордеат” (Да, тоа им го велеа!). Ете, таа наставничка мораше да си замине!

Секој би се запрашал која е причината и дали се работи за слаба организација или лоша педагогија. Можеби се во прашање и двете, но најмногу од сѐ се работи за фаворизирање на едни деца (читај “родители”), на сметка на други.

Имено, едното од вкупно две одделенија е направено по “список”, од дечиња кои имале среќа да имаат родители од кои училиштето има корист. Па така, сѐ што ќе побараат, (поголема училница, подобар наставник и тн), училиштето им го овозможува. И тоа не би било проблем додека не се сетите дека “за некому да му се даде, на некој друг треба да му се одземе”. Овие вторите се нашите деца, деца на обични луѓе чии работни места и потекло не се од корист на училиштето.

На почетокот на годината, родителите заеднички реагираа бидејќи промените почнаа уште во првиот месец. Учителките кои почнаа да им предаваат, одеднаш им беа одземени и вратени во другото одделение кое едноставно си ги побара.

Се реагираше на културен начин, со консултации, реакција на родителски средби и слично.

Со секоја следна промена, сѐ помалку родители се активираа. Некои подлегнаа на притисокот од училиштето, некои веројатно се продадоа за ситна тезга, некои можеби беа уплашени за оценките на детето, а некои едноставно не се вознемирија или пак не се ни заинтересираа. Сами ќе се пронајдат во описот.

Неколку поодлучни почнаа да реагираат до институциите. Признавам дека тогаш сѐ уште сметав дека нема простор за таква драма, можеби дури и ги осудував, сѐ до моментот кога кај моето дете не почувствував промена. Беше тоа повеќе лутина, страв, гнев и фрустрација отколку тага. Тогаш сфатив дека треба да се реагира, но очигледно беше доцна...

Наставникот не е само сенка која го предава материјалот. Наставникот е родителска фигура на која децата ѝ се предаваат, ѝ ја подаруваат сета своја доверба, веруваат во кажаното, стореното и најмногу од се, во добрите намери на истата! Секое заминување на оваа важна фигура од нивниот живот, го доживуваат како напуштање, откажување од нив, што во нивни очи е по нивна вина. После секоја замена, проследена со обвинување за лошата дисциплина и постигнат успех, споредба со “златните деца” од другото одделение, тие се преиспитуваат што згрешиле и дали тие се причина што наставниците ги напуштаат.

Токму за ова требаше да размислува кадарот во ова училиште -како постапките влијаат на нивните ученици, а не како да најдат начин да им подметнат нов шок, за да ги решат своите административни проблеми. Напротив, кога информациите за новите чекори што ги преземаа родителите, ќе стигнеа до училиштето, претставници на училишниот кадар се подбиваа со децата коментирајќи:

- Џабе им е на родителите, кај сакаат нека одат, хехе!

- Што е бе, слушам кај Трамп ќе сте оделе!

- Ако сакате и кај премиерот одете, ништо нема да смените, хехе!

И во право сте, ништо не постигнаа...

Пред неколку дена, децата се вратија дома и како роботи почнаа да ги кажуваат истите неколку реченици кои им биле повторувани на часовите – дека родителите не треба да се “бунат” бидејќи промените што следат се супер за нив.

Тоа беше едно морничаво искуство...

Браво!

Браво што ги победивте децата!

Браво што успеавте да го реализирате замисленото, браво што на децата им покажавте колку е нефер светот!

Браво што ги задржавте работните места!

Браво за училиштето, браво за целиот образовен систем!

Победа за вас, бидејќи успеавте да ги замолчите неколкутемина родители кои покажаа дека имаат став и сакаа на децата да им укажат дека треба да се борат за себе!

Браво што ги изманипулиравте децата и што долго време им го перевте мозокот дека промените што следат се добри за нив!

Браво што додека ние се трудиме да направиме луѓе од нив, вие 8 часа се обидувате да направите послушни полтрони!

Браво што сето тоа го направивте на грбот на 27 десетгодишни дечиња. Да, велам 27 иако се 23, бидејќи во една година, одделението го напуштија 4 од нив. Вие барајте ја причината!

Немојте да се прашувате зошто не нѐ бива! Освен тоа што училиштето покажа нееднаков третман кон ученици кои потекнуваат од различни слоеви, нивните родители во исто време покажаа незаинтересираност тоа да го сменат. Нема да ја бива ни нивната генерација ако со вакви постапки ги учиме да молчат во моменти кога треба да го кажат својот став и да ѝ се спротивстават на нечесноста. Вината лежи кај родителите, исто колку и кај училиштето!И јас сум крив! И јас во овој допис го кријам името плашејќи се дека моето дете ќе биде обележано, потклекнувајќи му на ваквиот систем. Сите заедно треба да ја наведнеме главата кога било кое од тие деца ќе се почувствува помалку вредно, луто или тажно, сега или во иднина, бидејќи едните го предизвикаа проблемот, а другите со својата инертност го поддржаа.

Родител од О.У. Браќа Миладиновци – Аеродром

12 април 2018 - 18:00