Продолжение на „Баталете мајки, шајки“

Иако мојата преставка се однесуваше на дел од плажите во Струга, Инспекторатот направил вонреден инпекциски надзор на целото струшко крајбрежје, проверил 36 локации и ниту една од нив немала Одобрение за урбана опрема. Станува збор за 36 локации без дозвола. Не е можно советот на општината да ја нема оваа информација.  

Продолжение на „Баталете мајки-шајки, почнете со поплаки, жалби, претставки, тужби

Почитуван Трендо, почитувана редакцијо,

Ви препраќам официјален документ од Државен пазарен инспекторат, кој го добив од нив по однос на моја преставка за узурпација на плажа.

Накратко, иако мојата преставка се однесуваше на дел од плажите во Струга, Инспекторатот направил вонреден инпекциски надзор на целото струшко крајбрежје и проверил 36 локации и ниту една од нив немала Одобрение за урбана опрема која им е издадена од градоначалникот на Струга. Државниот инспекторат во Струга им издал прекршочни платни налози.

Но сакам да го свртам вниманието на јавноста (а веројатно и Инспекторатот сакал да го истакне), на она што е наведено во последната реченица на нивниот одговор, цитирам: „Државниот пазарен инспекторат нема друг законски основ за понатамошно постапување“.

Врз основа на овој одговор, дали треба да се извлече заклучок дека постои друга државна институција или институции кои треба да истражат каде затаил правниот систем па е потребно да се поднесе друга граѓанска преставка или ... нешто друго?

Но, не е наведено дека по службена должност Инспекторатот ќе превземе други законски дејства по однос на нивниот заклучок, против институцијата или институциите кои поради небрежност  во работата дозволиле тоа да се случи.

Според моето искуство, системот функционира само ако народот се бори за своите права според Законите. Ако народот не се бори за своите законски права, нема право да се жали на непријавените неправди.  Тогаш тој пасивно прифаќа да биде жртва на своето незнаење и незаинтераноста.

Драги Стружани, или сте слепи при очи додека узурпаторите ви го крадат пристапот до езерото? Или можеби се чувствувате беспомошни и напуштени бидејќи и државата се прави слепа?

Драги политички активни стружани, од сите политички партии, не правете се луди. Станува збор за 36 локации без дозвола. Не е можно советот на општината да ја нема оваа информација. Зарем јас од Скопје требаше да пријавам во Државниот инспекторат и од Скопје да стигне реакција?

Стружани, борете се за ваште плажи!

Поздрав,
Јане Крстески

Јане Крстески 

28 август 2026 - 15:30