Писма на читатели:

Баталете мајки-шајки, почнете со поплаки, жалби, претставки, тужби

Изреволтиран од неможноста мајка ми да го оствари основното право на здравствена заштита, на интернет го пронајдов Уставот и Законот за здравствена заштита и решив да постапам според законските уредби. Во 21:52 часот го праќам дописот на адресата на Министерството за здравство. Во 21:58 го добив одговорот.

Почитуван Трендо, почитувана редакцијо,

Сакам со вас и со ваша помош да споделам едно неверојатно искуство до сите граѓани за начинот на комуникација со јавните здравствени установи во вид на упатство во неколку едноставни чекори.

Јас не го употребив широко распростанетиот и секојдневно употребуваниот метод мито и корупција, закани или мајки-шајки кон вработените во една наша ЈЗУ УИ.

Решив да применам поинаков пристап. Се повикав на Уставот и на Законот за здравствена заштита.

********

Во понеделник околу 9:15 часот добивам Упат за итен случај (24ч) на име на мојата мајка, која имаше потреба за дијагностички преглед поради животно-загрозувака состојба и ова испитување беше неопходно за да се изврши хируршки зафат. До 11:30, откако ги искористив сите мои можности на креативен балкански начин според дефиницијата на бившиот европски комесар Хан (освен нудење мито и корупција), не успеав.

Се  откажав од Упатот и се што е во него наведено и закажав преглед во приватна клиника која ги нуди истите прегледи.

Доцна попладенето, истиот ден, изреволтиран од неможноста да се оствари основно право на здравствена заштита, на интернет го пронајдов Уставот и Законот за здравствена заштита и решив да постапам според законските уредби.

Во 21:52 часот го праќам дописот на адресата на Министерството за здравство (contact@zdravstvo.gov.mk).

Во 21:58 го добив одговорот.

За оние кои не сакаат да ја читаат преписката, сакам да ве известам дека во вторник (следниот ден) околу 11 часот изутрина добив телефонски повик од лице од ЈЗУ УИ, кое учтиво ми се извини и потенцираше дека станува збор за недоразбирање и дека ЈЗУ УИ стои на раполагање за да се изврши прегледот што е можно поскоро во термин кој ѝ одговара на мојата мајка.

Сакам да потенцирам дека само после 12 часа од мојот допис до Министерството, мајка ми можеше да ја добие потребната услуга.

Мој совет до моите сограѓани е да не го употребуваат методот мито и корупција или мајка-шајка туку да ги употребат законските норми на кои јас се повикав и да го достават својот допис по официјален пат (со доказ за доставување) до надлежната ЈЗУ УИ.

Вака тоа изгледа, без имиња:

Почитувани ЈЗУ УИ,

Согласно Законот за зравствена заштита  член 39 (б) точка 4 и 5, ви го праќам овој меил преку меил-адресата на Министерството за здравство бидејќи вашиот образец за праќање мејлови не е функционален и немате оставено друга меил адреса за контакт со пациенти.

Јас, ________________, син на пациентката_________________, која на ден_______ има Упат за итен случај (24ч) издаден околу____ часот со број_________од ЈЗУ УК ___________________ од д-р ___________, официјално ве известувам дека вашата установа не го спроведе бараниот преглед.

Бараниот преглед беше презакажан од ваша страна за ден___________ (14 дена подоцна) во прериод од _____ до _____часот, според интерен протокол кој не е официјално објавен на вашата официјална табла за информирање на пациенти. Иако верувам дека вашата интерна организација на прегледите не е дел од корупциона шема, недостатокот на таква информација остава место за сомнеж.

Поради тешката здравствена состојба која ѝ е дијагностицирана на мојата мајка а таа болест ја попречува во здраворазумска коресподенција со вашата институција, се повикувам на Уставно загарантираните права, односно член 40 каде е јасно и недвосмислено е наведено дека „децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители. “

Со овој допис сакам официјално да ве известам дека никој од вашата институција, ниту од институцијата која го издаде Упатот, не ми беше побарано мито или некави подароци, ниту јас во име на мојата мајка нудев мито или некакви подароци.

Дополнително, сакам да ја истакнам како изненадувачки благонаклона заложбата на докторите од ___________  со кои сум во контакт речиси еден месец.

Мојата мајка во текот на утрешниот ден има закажан термин во приватна клиника.

Официјално ве информирам дека овој допис ќе биде искористен во приватна тужба против вашата институција.

Без зли мисли кон ниту еден кој ќе се почувствува како обвинет (сакам да нагласам дека голем број од вашите вработени ми излегоа во пресрет), сакам да ве информирам дека тужбата ќе биде кон институцијата, а не кон некој од вработените.

Поздрав
__________________________________

************

Одговорот:

Почитуван__________________,

Ви благодариме што ни се обративте и што го споделивте Вашето искуство и загриженост во врска со здравствената заштита на Вашата мајка.

Согласно процедурата и со цел понатамошно дејствување, вашиот мејл е препратен до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој е надлежен за разгледување на ваквите случаи и за спроведување соодветни мерки согласно законските регулативи.

Доколку имате дополнителни прашања, слободно контактирајте нè.

*********

Почитувани сограѓани,

Баталете мито и корупција, баталете мајки-шајки, почнете со поплаки, жалби, претставки, тужби. Искористетете ги Законите во ваша полза.

Кога вашиот документ ќе биде официјално заведен во надлежната институција, други се правилата на игра.

Поздрав
Јане Крстески

Бонус:
Секој допис до надлежна инстиција завршете го со следниве две барања:

  • Ве молам, по службена должност официјално да ме известите дали ви ја доставив целосната документација и наведете го временскиот рок кој ми е на располагање.
  • Ве молам,  по службена должност, во правната поука да ги наведете сите Законски одредби кои ми одат во прилог за остварување на моите граѓански права. Односно, да ги наведете ги сите останати недостатоци поради кои овој мој допис може да биде отфрлен.
28 ноември 2024 - 11:39