Писма на просечни граѓанки

Активизам не е само мафтање со транспарент пред Влада и држење говори на разноразни медиуми. Активизам е и кога своите деца дома ги учиш да размислуваат со своја глава, кога им отвараш видици и ги ослободуваш од предрасуди. Активизам е и кога ќе го видиш човечкото во човека без разлика кој е и од каде е и ќе му отвориш прозорче да излезе.

Понесена од напливот на последните настани не можев, а да не проговорам. Јас - мајка, сопруга, колешка, жена со свои искуства во животот, со свои ставови кои со жар ги споделувам со оние кои ми се присутни во животот. Ме има на фејсубук, на твитер, по кафанчиња, се движам низ градов...Ги поддржувам сите обиди да се биде дел од разумот, да се остане критична маса, да се поставуваат прашања, да се отвараат дискусии со факти, зашто верувам дека различноста во нас е таа што не носи кон прогрес.

Мирољубиво протестирам кога можам, секогаш охрабрувам и поддржувам идеи што држат вода...ама...да секогаш има ама...Твитер, фејсбук, блогови се јавен етер, не се кафана и никој нема право да се однесува кон нив како да се таблоид. Тоа што сте начуле од некого во некој неврзан муабет, па како во расипан телефон од мува излегла бува, па слон на крај, не се јавна расправа. Тоа што некој имал двојка математика во средно и на сликата од матурска има рокабилска кифла правена со сапун, не е репер за тоа што е денес. Сите ние сме растеле преку обиди и грешки. А и ако некој бил фраер на времето не значи дека се уште треба да му се поклонуваме. И доста веќе се обврзноста во поставување ставови. Помеѓу грижата за деца, домаќинство, работа, финансии, фамилијарни куршлуси, планирања и пубертетски испади немаме сите време да оформуваме ставови по секое прашање. И нема зошто да имаме ставови за се!

Како поминуваат годините најчесто само складираме информации од лево, од десно, знаеш дека најверојанто вистината е негде на средина, можеби тегне по малку на некоја страна, ама силата што ти останала за да ги процесираш запира тука. И не можеме сите да бидеме факман активисти! И активизам не е само мафтање со транспарент пред Влада и држење говори на разноразни медиуми. Активизам е и кога своите деца дома ги учиш да размислуваат со своја глава, кога им отвараш видици и ги ослободуваш од предрасуди. Активизам е и кога ќе го видиш човечкото во човека без разлика кој е и од каде е и ќе му отвориш прозорче да излезе. И кога со чисто срце ќе подадеш рака и ќе кажеш јбг сите сме грешеле негде, казната вака или така ќе ги стигне, милоста е таа што боли највеќе.

И без двојни аршини. Бруталност е бруталност, освета е освета, омраза е омраза...Светот не е ниту црн, ниту бел, ниту розов, најчесто немаме ни поим каков е. Претежно е борба за живот и најголемиот дел од нас се нашле на некоја страна од барикадите кога се чуле сирените. Никого не правдам, обично се трудам да сфатам, ама ниту сум судија, ниту џелат за да мафтам со мечот над глава. Има платени за тоа.

И не мислам дека сум толку мудра. Некогаш сфаќам дека ме мотаат 5 годишни деца, тоа ти е, за друго учев. Имам пријатели низ цел свет, и вакви и онакви, ама сите си ги сакам на свој начин. И се караме, и се мириме, и си плачеме, и си се смееме, и да, сите еден ден ќе си умреме...ама до тогаш ќе правиме се да ни е убаво, и на нас и на нашите деца. Да, промени треба да има, ама ако може без стампедо на згазени достоинства, реномеа, кариери и лични судбини. Без мешање баби и жаби, без ситења, без карма каша на муабети.

Ете толку. За подобра Македонија, Македонија во која што сакам да останам да живеам!

Јас, Маја, просечен граѓанин на РМ

11 мај 2015 - 09:19