Писма на читатели кои имаат за што да се пофалат

Трендо, здраво.
Извини вака, ама морав негде да се пофалам. Денес, по јубилеен трети пат ме одбија за инвалидска пензија.

Предлагаат да сменам работна позиција, или да работам со скратено работно време. Сето тоа би било во ред, кога би барал преку леб и погача, ама, не е така.

Имено, моментално сум во инвалидска количка (без ни најмала шанса за закрепнување - напротив), со дијагнози полинеуропатија, параплегија и тетраплегија. По нашки кажано, ни нозе, ни раце слушаат. Маки мачам со лична хигиена (ама ја одржувам), јадам како мало дете, а да не зборам за живот надвор од домот. Пристапни рампи слабо, пешачките острови најчесто високи (освен каде што им се излеало повеќе асфалт), и така...

Е, да не заборавам да се пофалам и ова: живеам од 11 000 денари нега и мобилност. Боледување ми даваат секој месец, ама не и надомест. Од први ноември две илјади и осумнаесетта година сум на боледување, ама бидејќи сум имал прекин во стажот, паричен надомест не ми следува. И така јас 13 месеци си давам по околу 6 500 ден месечно за лекови, башка прегледи, наоди, конзилијарни мислења... А со жена, две деца, мајка и куче.

Сега доста со фалење, туку една молба до тебе (се осмелувам да те замолам зашто долго те читам, па те осеќам некако свој):

Ако чуеш негде по влада, собрание, и сл. да бараат чоек за работа, јави ми, молим те. Штом државава мисли дека ме бива за работа, да се офајдам и ја нешто.

А имам и музичка желба: ако може линкот од турското црно-бело клипче, кајшто аскер го тера населението да слуша Бетовен, Шопен и сл.

Фала за отстапеното време.

Те поздравувам.

Игор „Касапот“ Николовски, инвалид од класата „тази дупка не е дупка“

********

За добрите луѓе (и институции!) кои некако можат да помогнат, Игор е достапен на kasapmk@gmail.com.

30 декември 2019 - 14:58