Треки здраво друже,
Знаеш дека те читаме затоа што на Off.net.mk ги има секогаш интелигентно спакувано најголемите македонски и балкански глупости на едно место, но и поради тоа што сте единствен портал што во срж ги следи најважните светски научни достигнувања.
Пред 10тина дена на off.net имаше објавено статија за масовен отповик на вештачки колкови на база на кобалт и хром (мора да е тука и молибден) кај пациенти со вакви имплантирани биоматеријали во Англија. Причината за овој отповик била-распаѓање на овие легури во физиолошки услови што придонело за енормно покачени вредности на кобалт во крвта кај овие пациенти (Трубарево и Фукушима се гола вода во споредба со кобалтните јони присутни во крвта кај пациентите со имплантирани вештачки колкови изработени од легури на база на кобалт). И одма е преземен масовен отповик на овие колкови кај пациентите во Англија (кобалт-хром-молибденските колкови главно се поевтини од ултраскапите титаниумски и порцеланските колкови и капиталистите ги вградуваат овој тип на колкови кај посиромашното население ).
Ова е тоа што го знаеме, ама не го знаеме неофицијалниот дел или како двајца млади македонски стоматолози ги спасија овие англиски пациенти. Не спомнувам имиња на фирми, комерцијални имиња на легури, бидејќи може да го кркаме ко 2,71 и 3,14 ако се фатиме за гуша со тие фирми (за среќа, не послушаа тоа што им го кажавме индиректно).
Еве ја малку понадолго приказната:
Павле Апостолоски е стоматолог, моментално на специјализација по протетика (во втора година) и докторанд на Дентална медицина (треба наскоро да докторира). Во докторската дисертација (ја брани во четврток) работеше на испитување на активноста на дентални метални биоматеријали со современи електрохемиски и микроскопски техники. Материјал за работа (или главен субјект за анализа) му беа некои дентални метални биоматеријали (коронки, импланти) изработени на база на кобалт-хром-молибден легура (иста како кај англиските пациенти со вештачки колкови) на примероци што му беа дадени од негов другар од Германија (Благој, млад Македонец, сопственик на една оа најголемите фирми за изработка на дентални биоматеријали во Германија) и кои дентални биоматеријали испаднале од усната празнина на пациентите (биле отфрлени од организмот).
Решивме да ги испитаме микроструктурите, видот на оштетувањата и потенцијалните причинители на овие дефекти кај овој тип на дентални метални биоматеријали. Почна Павле со тестирање на често-употребувани хемиски системи да ги анализира ефектите на хипохлорити, разни киселини, разни лекарства и комбинации од лекарства и слично врз активноста на тој дентален метален биоматеријал на база на кобалт и хром (и молибден). Она што го најде како најчудно е дека водородниот пероксид покажа силни ефекти врз распаѓањето на овој тип на метални биоматеријали (знаеме, тоа е хемикалија која стоматолозите пречесто ја користат за запирање на крварење, тие го нарекуваат хидроген, ние го нарекуваме водороден пероксид... да да, тоа е истата онаа хемикалија што девојкиве ја користат како развивач за бои за фарбање).
Овој ефект беше откриен иницијално на 2 октомври 2023 година, значи точно пред две години.
За тие што работат со вакви материјали ова е скоро невозможна информација, стабилна (условно речено) легура, резистивна на скоро секакви хемиски влијанија, се распаѓа под влијание на умерено слабо оксидациско средтсво (и пази во процент од околу 50% распад на кобалтот во ин витро услови најдени во примероците што Павле ги анализираше). Тие анализи ги доби со современи електрохемиски техники, но и со примена на Скенирачка Електронска Микроскопија, извонредно моќна техника што на Гоце Делчев Штип ја има (и тоа х 2 комада) и ја работи академик Блажо Боев од Кавадарци, професор на Рударски факултет, многу паметен и интересен лик.
Ги добиваме резултатите и нешто ни е чудно, такво големо распаѓање на металниот биоматеријал немаме видено уште кога Македонија од 2-0 се распадна до 2-3 против Украина пред 2-3 години во второ полувреме. Го прашуваме Боев; Блажо, академиче брате, а бе да не сте грешка некоја, ова многу ми изгледа распаднато минус 45% кобалт?, а тој со оригинален кавадаречки акцент на Бубо Каров, динамичен ко Врба Стефанов ни вика—-а бе што ве „онаквуем“, сте ми донеле имплант од некој ванземаљац, зрачи имплантов кобалт ко кобалтна бомба на Онкологија во Скопје, ајде бришете таму да не ве гледам, тоа е што е. И ние во недоумица, да не има некоја грешка во анализите, во протоколите, ама тоа е, сто пати повторено тоа се добива...и потоа се консултиравме и со други надворешни упатени (од Србија) што работат во таа област, и тие викаат- деца, верувајте на тоа што го гледате и добивате, не на тоа што пишува во комерцијална литература.
И Павле веруваше на тоа што го добива од анализите, го информирал неговиот колега од Германија за овие резултати, дошла информација и до регулаторно тело во Англија некако по некои канали за овие ефекти, тие си спровеле независна истрага и ги добиле скоро истите резултати што Павле Апостолоски ги добил за овој тим на метални биоматеријали на база на кобалт-хром, дека се распаѓаат под влијание на слаб оксиданс хидроген (водороден пероксид), кој, by the way, се формира во огромни концентрации (плус заедно со уште поопасни супероксидни радикали, нитро радикали, хидроксидни радикали) секогаш кога надворешно тело се имплантира во човек.
Ова е придонесот на млади македонски стоматолози за спасувањето на „англискиот пациент„ во докторат (табела II, страна 96 од докторатот Студија на активноста на дентални биоматеријали со примена на електрохемиски и микроскопски техники - UGD Academic Repository) напишан пред 5-6 месеци, а објавен јавно уште пред да дојде информацијата од Medicines and Healthcare Products Regulatory Agency на 04ти септември 2025, со иницијални резултати добиени од Лабораторијата за Scan Electron Microscopy на УГД Штип во 2023 година.
Тоа е она што ти го пишував неодамна, имаме злато деца, имаме аналитички техники и инструменти, имаме сè, ама имаме и синдром на самоуништување, себепобивање и самоомаловажување...и ги имаме Чупеска, Јовановиќ, Колозова, Влајко и Андреј Преспа за сè што не ни е јасно, тие да ни го разјаснат во „подитно“ преку пост.
Заклучок: Подалеку од кобалт-хром-молибден легури имплантирани во ин-виво услови и подалеку од отровни ништавила.
Проф. Др. Рубин Гулабоски
Факултет за медициски науки, УГД - Штип
***********
* Рубин е единствен активен професор од Македонија што не е академик, а се наоѓа на листата на „Стенфорд“ во 2% највлијателни научници на сите времиња.