Злато и светски рекорд за Волмер и Ван дер Бург

На вториот ден од Олимписките игри во Лондон беа распределени медалите во 14 дисциплини, а срушени се уште два светски рекорди. Американците ги напаѓаат Кинезите на врвот на листата на освојувачи на медали.

Американката Дана Волмер на вчерашните квалификации исплива нов олимписки рекорд, а денес го собори и светскиот. Волмер го освои златото на 100 метри пеперутка со време 55.98 и го надмина светскиот рекорд кој досега го држеше Швеѓанката Сара Сјостром за 0.08 секунди. На второто место заврши Лу Јинг од Кина, а трета беше Алиша Коутс од Австралија.

Вториот светски рекорд денес го сруши Камерон ван дер Бург од Јужна Африка. Тој денес на трката на 100 метри градно исплива со време 58.46 што беше за 0.12 секунди подобро од досегашниот светски рекорд на Австралиецот Брентон Рикарт. Среброто му припадна на Кристијан Спренгер од Австралија, а бронзата на Брендан Хансен од САД.

Французинката Камил Муфат го освои златото со време доволно за нов олимписки рекорд во дисциплината 400 метри слободно, а нејзините колеги приредија вистинска драма на трката 4x100 метри.

Американската штефета беше во водство се до последната замена кога Јаник Ањел успеа да го претрка Рајан Лохте. На третата позиција заврши Русија.

Вреди да се одбележат и резултатите на Севернокореецот Ом Јун Чол кој го освои златото во дигање тегови во категорија до 56 килограми подигнувајќи трипати поголема тежина од сопствената, како и Американката Ким Род која освои злато во дисциплината гаѓање глинени гулаби што претставува нејзин петти медал на пет различни Олимпијади.

Најголемото изненадување на денот го приредија светските и европски фудбалски шампиони, репрезентативците на Шпанија кои загубија од Хондурас и си ги спакуваа куферите. Уругвајците беа изненадени од Сенегал, а на висина на задачата беа домаќините против ОАЕ, како и Бразилците кои ја совладаа Белорусија со гол и две асистенции на Нејмар.

Група А
Сенегал - Уругвај 2:0
Велика Британија - ОАЕ 3:1
Табела: Сенегал 4, Велика Британија 4, Уругвај 3, ОАЕ 0.

Група Б
Мексико - Габон 2:0
Јужна Кореја - Швајцарија 2:1
Табела: Мексико 4, Јужна Кореја 4, Швајцарија 1, Габон 1.

Група Ц
Египет - Нов Зеланд 1:1
Бразил - Белорусија 3:1
Табела: Бразил 6, Белорусија 3, Египет 1, Нов Зеланд 1.

Група Д
Јапонија - Мароко 1:0
Шпанија - Хондурас 0:1
Табела: Јапонија 6, Хондурас 4, Мароко 1, Шпанија 0.

На вториот натпреварувачки ден започнаа и долго очекуваните кошаркарски натпревари во машка конкуренција. Дрим тимот од САД ја растури Франција, а Шпанија немаше проблем со Кина.

Група А
Нигерија - Тунис 60:56
САД - Франција 98:71
Аргентина - Литванија 23.15ч

Група Б
Бразил - Австралија 75:71
Шпанија - Кина 97:81
Русија - Велика Британија 95:75

29 јули 2012 - 23:39