Жртвите на Грожан на подиумот

Тројцата возачи кои минатата недела настрадаа при сударот со Роман Грожан на почетокот на трката во Белгија, се искачија на подиумот на трката за Големата награда на Италија.

Минатата недела на патеката Спа во Белгија уште на првиот свиок Роман Грожан од Лотус Рено предизвика хаос во кој настрадаа Луис Хамилтон, Серхио Перез и Фернандо Алонсо. Токму овие тројца возачи денес ги освоија првите три места на трката во Монца.

Британецот Луис Хамилтон од Мекларен водеше уште од самиот почеток и успе да ја задржи предноста до крајот.

На втората позиција заврши Мексиканецот Серхио Перез кој стартуваше како 13-ти, но успеа да ги претекне болидите пред него, а на крајот го помина и Фернандо Алонсо кој финишираше на третата позиција.

Џенсон Батон и Себастијан Фетел не ја завршија трката.

Во генералниот пласман се уште во водство е Алонсо со 179 поени пред Хамилтон со 142, Раиконен со 141 и Фетел со 140.

9 септември 2012 - 16:15