Успехот на Дарио Ивановски е еднаков на олимписко злато, „трча“ со години низ кошмар

Дарио едвај успеал да најде добар тренер што со минимална поддршка и безброј искушенија ќе му помогне на патот по кој тргнал; тренер што нема да си ги лечи сопствените комплекси на него; тренер што самиот сака да учи и да се усовршува; тренер што се покажал како правдољубив, дисциплиниран и доследен. Во други средини тоа е сосема нормално и очекувано, но кај нас тоа е чудо!

Успехот на Дарио Ивановски е еднаков на олимписко злато! Еве зошто. Условите во кои Дарио се градеше како спортист се со еден збор – кошмарни. Чудо е кога македонски спортист нема да „прегори“ поради неадекватен тренинг и поради ноторната негрижа на оние кои го водат тренажниот процес.

Чудо е да најдеш тренер кој е воспитан, едуциран, чесен и грижлив; тренер кој не плука по децата кои му се доделени, кој не ги навредува и не се однесува со нив како последен простак. Чудо е да се најде некој што одговорно ќе управува со средствта што му се доделуваат од Државата и од меѓународните спортски установи за развој на спортот во Македонија.

Чудо е човек да не си го загуби умот кога кога ќе ја види „преисподњата“ на корумпираноста во спортот. Чудо е човек да се заштити од демонското лицемерие, завидливост и завист кои го раскинуваат телото на спортските заедници. Чудо е човек да не се исфрустрира од сето тоа и самиот да не биде причина за фрустрација и демотивација на другите околу себе.

Го имам благословот да бидам родител на деца кои се на патот да влезат во светот на професионалниот спорт, конкретно нордиското скијање и атлетиката. Ќе направам сѐ за да се случат сите овие чуда во нивните животи.

Да ја почуствуваат радоста и големината на спортскиот подвиг – затоа што тој е еден чудесен отпечаток на духовниот подвиг кон кој сме повикани сите. Пред нив е тежок, но чудесен пат, преку кој ќе се искалат во уметноста на живеењето, согласно древниот идеал за усовршувањето во доблеста и убавината. Всушност, тоа е идеалот на олимпијците и спортистите на сите времиња.

Во светлината на ова наше искуство, го гледаме чудото на Дарио на Олимпијадата. Дарио не трчаше само 42,2 километри. Дарио „трча“ со години низ кошмарот што го опишав – и не запира! Тоа е еднакво на чудо. Дарио нема високо-квалификуван тим за поддршка што ќе биде постојано со него во сите аспекти на неговиот тренинг и натпреарување.

Дарио едвај успеал да најде добар тренер што со минимална поддршка и безброј искушенија ќе му помогне на патот по кој тргнал; тренер што нема да си ги лечи сопствените комплекси на него; тренер што самиот сака да учи и да се усовршува; тренер што се покажал како правдољубив, дисциплиниран и доследен. Во други средини тоа е сосема нормално и очекувано, но кај нас – тоа е чудо!

Чудо е да ја сакаш искрено оваа земја, да го прегрнеш нејзиното знаме на крајот од трката и да не можеш од болка да го отвориш и да го развееш пред целиот свет. Затоа што денес Дарио ја носеше на себеси болката на целиот македонски спорт – и успеа да истрча до крајот.

Тој е нашиот Филипид, кој со последни сили ни ја донесе на сите веста дека и покрај сѐ може да се биде спортист и олимпиец во Македонија. Слава му на Бога.

Фејсбук статус на Milan Dordevic

12 август 2024 - 09:10