Универзалните олимпијци

Некои натпреварувачи не само што се добри во своите спортови, туку ги бива и за други. Има и такви што дури освојувале медали на летни и на зимски Олимписки игри.

Нова група на спортисти на Олимписките игри во Сочи ќе оствари редок успех. Се работи за спортисти кои во текот на својата кариера успеале да забележат настапи и на летни и на зимски Олимписки игри.

Во последно време боб санкањето стана омилено „засолниште" за атлетичарите кои сакаат зимски авантури. Па така во Сочи ќе ги видиме спринтерките Лоло Џонс и Лорин Вилијамс во екипата на САД, како и Британецот Крег Пикеринг.

Според податоците на Њујорк Тајмс, до сега 128 спортисти се натпреварувале на летни и зимски Олимпсики игри, од нив 105 мажи и 23 жени. Најчеста е гореспоменатата комбинација на атлетичари кои се селат во боб и нив до сега ги имало 40.

Но од сите тие само четворица успеале да направат чудесен подвиг и да освојат медал и на едните и на другите игри. А само еден од нив освоил летно и зимско злато. Тоа е Американецот Еди Иган кој во Антверпен во 1920-та година стана олимписки шампион во бокс, а 12 години подоцна во Лејк Пласид освои злато во боб четворосед.

Интересна е комбинацијата на Норвежанецот Јакоб Тулин Тамс кој во 1924-та освоил злато на ски скокови, а во 1936-та година во Берлин освоил сребро во едрење.

Германката Криста Ротенбургер Лудиг влезе во историјата со повеќе медали. Во Калгари освои злато и сребро на брзо лизгање, а потоа на лето во Сеул стигна до сребро во велосипедизам. Освен тоа освои и злато во брзо лизгање во Сараево 1984 и бронза во Албертвил 1992.

Канаѓанката Клара Хјуз има две бронзи од велосипедизам од Атланта 1996 и уште четири медали освоени на брзо лизгање на три различни Олимписки игри (Торино 2006, Солт Лејк Сити 2002 и Ванкувер 2010).

29 јануари 2014 - 09:37