Не се фаќајте за редоследот, го направивме како што ни дојде.
1. ЛЕСТЕР
Кога Грција стана Европски првак во 2004-та се пишуваше дека се случило сензација. Тоа е точно, ама уште поточно е дека поголема сензација од шампионската титула на Лестер немало и кој знае кога ќе има пак.
Клаудио Раниери водеше клубови како Наполи, Фиорентина, Валенсија, Атлетико Мадрид, Челси, Парма, Јувентус, Рома, Интер, Монако, но ете така сакало да биде, првата титула во својата тренерска кариера ја освои со Лестер, шанса која во кладилница се сметаше со коефициент 5.000.
Лестер не беше ни Ф од фаворит, но во периодот од 8 август 2015-та до 15 мај 2016-та влезе во страшна битка со моќните премиерлигашки гиганти и стана шампион на Англија со скор од 23 победи, 12 нерешени и само 3 порази и 10 бода предност зад второпласираниот Арсенал. Капата доле за нив, на 2016-та ќе те потсетуваат вечно.
2. ЕП 2016 ПОЛНО СО ИЗНЕНАДУВАЊА
Велиме полно со изненадувања бидејќи еден Исланд успеа да стане четвртфиналист и да ја совлада Англија во осминафинале, а Шпанија во таа фаза беше елиминирана. Кој мислеше дека Велс може до полуфинале, а Португалија до шампионска титула и тоа со само една победа во регуларните 90 минути.
Групната фаза ја поминаа со три нерешени, во осминафинале и финале славеа во продолженија, а во четвртфинале на пенали. Единствениот триумф во 90 минути фудбал го остварија на полуфиналниот дуел против Велс од 2:0.
Навивањето во Франција беше посебна приказна. Имаше некоја енергија за колективно дружење и мешање меѓу навивачите по плоштади и пабови, а најголемата лекција ја одржаа Ирците.
3. КРОЈФ И АЛИ
„Имам впечаток дека водам 2:0 на полувреме од мечот против ракот на белите дробови. Сигурен сум дека ќе победам, изјави Јохан Кројф.“
Но на 24 март 2016-та на неговиот официјален сајт излезе вест со пресврт во резултатот. Јохан Кројф кој се смета за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња замина во легендите на 68 години.
Излишно е одново да се бројат титулите и успесите на основачот на тоталниот фудбал кој го практикуваше во Ајакс и Барселона и кој е поранешен освојувач на Златната топка.
„Толку сум заебан што од мене и лековите се разболуваат“, велеше Мухамед Али кој почина летоска на 74 годишна возраст, а се бореше со паркинс.
Човекот едноставно е поим за бокс ќе биде и во наредни 100 години.
4. МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ
Колку само звучи јако, ама и неверојатно. Кој беше на 11 октомври на Филип Втори, виде многу добро што се случи. Македонија – Шкотска 2:0, Исланд – Украина 2:4. Тоа за што сонувавме и за што сонуваа и се бореа младите херои на Боби Милевски.
2016-та ја запишавме со златни букви во фудбалот благодарение на Македонија У21 која на 10 меча оствари 21 бод и како првопласирана пред една Франција следната година ќе патува на ЕП 2017 во Полска. Ќе има три групи со по четири селекции, а ние се паднавме со Шпанија, Португалија и Србија. Палци ќе стискаме од 16 јуни.
5. КИНЕСКА ФУДБАЛСКА РЕВОЛУЦИЈА
На Русите и Арапите им се појави доста сериозна конкуреција во фудбалот која направи потези кои ги поместија границите.
150 милиони евра за засилувања за еден месец, телевизиски пакет од 1,25 милијарди, понуди за годишна плата и до 38 милиони, најголема академија во светот, задолжително играње во 20.000 училишта. Со фудбалот во Кина нешто се случува.
Многу звучни имиња се намамија по кинеските пари, а сензационалната вест број 1 беше заминувањето на Карлос Тевез, кој иако изјави дека во фудбалот веќе сите биле алчни по пари и тој се фати за јадицата. Меси и Роналдо ги стави во сенка во однос на парите. Ќе заработи 38 милиони евра за една година. Апсолутен рекорд на сите времиња.
6. ИЛИЈА НЕСТОРОВСКИ
Се враќаме пак на нешто наше. Нема фудбалски навивач кој кине нерви кога ја гледа репрезентацијата на Македонија, а кој не посакуваше да добиеме шпиц од класата на Илија Несторовски. Сликата сè уште ни е пред очи од оној момент кога го матираше Буфон во Скопје.
Физички спремен, сконцентриран и желен за голови. Таков е Иле, новата фудбалска ѕвезда од Македонија во Серија А и човекот без кој Палермо сега ќе беше скроз утепан. Ако не е тој, нема кој да даде гол за тимот од Сицилија. 7 од првите 10 сезоната беа негови.
На 16 ноември излезе статистичка вест дека Несторовски со 67% реализација е втор стрелец во конкуренција на цела плејада на напаѓачи кои заработуваат милиони во Премиер лига, Бундеслига, Ла Лига, Серија А и Лига 1.
7. ЛЕГЕНДА ВО ПЕНЗИЈА
Од оваа година фудбалот остана посиромашен за човекот кој е најдобар стрелец во историјата на Германија и најдобар стрелец во историјата на Мундијалите. Да му се поклониме на Мирослав Клосе, како што му се поклони Олимпико на 15 мај.
На мечот Лацио и Фиорентина, последен за сезоната домаќините добија пенал, а Фелипе Андерсон ја зема топката и му ја даде на Клосе кој прво го одби, но потоа се предомисли. На 37 години и 11 месеци го изведе првиот и последен пенал во својата кариера.
Со тој гол стигна до бројка од 64 погодоци за Лацио и го израмни рекордот на Горан Пандев кој е најдобар стрелец за Лацио меѓу странците.
8. МАКЕДОНЕЦ ВО ЛА МАСИЈА НА 7 ГОДИНИ
Сте слушнале за некој наш да ја добие таа чест да стапне во најпознатата и најдобрата фудбалска школа во светот на само 7 години? Да не беше талентот на Ренато, немаше да чуете.
На македонскиот фудбалски бисер му го следиме секој чекор, бидејќи такви деца заслужуваат пофалби во суперлативи. 2016-та за Ренато е посебна година. Прво блесна во Ескола кампот на Барселона во Хрватска, а тоа му донесе награда кој до сега ја нема добиено ниту еден друг наш фудбалер.
Еднонеделна награда да тренира во Ла Масија. Кога го видоа што знае со топка, го ставија во група со постари од него, а тој импресионираше и со лева и со десна.
9. ШАПЕКОЕНСЕ
Околу еден месец пред завршувањето на годинава цел фудбалски свет се потресе од најлошото што може да му се случи на еден клуб. За Шапекоенсе многумина не знаеа ништо, но за жал дознаа од авионската несреќа која се случи во Колумбија.
Само тројца фудбалери останаа живи од вкупно шестмина преживеани патници во големата трагедија која се случи во близина на Меделин, која однесе вкупно 71 жртва. Оваа симпатична екипа брзо се искачуваше од ранг во ранг. На крајот стигна и до првото финале кое за жал не можеше да го одигра.
Атлетико Национал кои им беа противници во знак на почит направија голем потег и побараа титулата од Копа Судамерикана да им се додели на нив. Вамос Шапе беше пораката за поддршка на бразилскиот клуб кој ќе сака да ја заборави 2016-та.
10. УТКИ НА ВЕКОТ
Текстов ќе го разбиеме со две епски, ама стварно епски видеа кои тешко дека ќе се повторат во 2017-та.