Во домот на зимските спортови, Сент Мориц (Швајцарија) вкупно 600 натпреварувачи од 70 земји ќе скијаат во шест дисциплини - слалом, велеслалом, супер-Џи, спуст, супер комбинација (спуст и слалом) и тимски настап.
Најголемо внимание покрај водечките ѕвезди на овој спорт, предизвикаа и скијачите од тропските земји. Кај жените во Супер-Џи победи Австријката Шмидхофер, а кога ќе се погледне листата со резултати до 39. позиција, на последното место може да се најде Сабрина Симадер, скијачка од Кенија која има 18 години и која што ја заврши пробата со 8''68 секунд заостаток.
„Следниот пат се надевам дека ќе бидам побрза“, насмеано изјави Кенијката Сабрина која што ги освои симпатиите на публиката.
Сабрина не е прва ниту последна атлета од земјите кои немаат скијачка традиција, но важно е да се учествува и да се оствари што подобро време.
Ретко кој не се сеќава на култниот филм Cool Runnings од ’93-та со боб санката на тимот од Јамајка. Тие за првпат во историјата се појавија на Зимски Олимписки Игри во 1989. во Калгари (САД) што беше инспирација за одличната комедија.
По Игрите во Калгари 1988 и фамозните боб санкачи, Јамајка имаше натпреварувач на снег и на Светскиот Куп во Вејл (САД) 2015. Тогаш Мајкл Елиот Вилијамс на 46 години учествуваше во велеслалом и ги заврши квалификациите на 84. место. Инаку Вилијамс станал скијач сосема случајно, две години пред Купот.
Кварме Нкрума Ачеампонг беше првиот скијач од Гана во историјата кој успеал да се квалификува на едни Зимски Олимписки Игри. Скијаше на Игрите во Торино 2006 и на оние во Ванкувер 2010. „Леопардот на скии“ ја заврши кариерата во 2011 со слалом во Гармиш-Партенкирхен кога ја помина целта како 76-ти.
Принцот Хубертус од Хохенлох беше поп пејач, наследник на фабриката на Volkswagen во Мексико која што ја имал татко му и репрезентативец на Мексико во скијање. Хубертус се родил во оваа земја и решил да настапува за нив. Се појави на дури 11 Светски скијачки првенства, а последен пат скијаше во 2015 во Вејл на дури 56 години!
Самир Азимани го претставуваше Мароко на дури 4 скијачки Мундијали: 2001, 2003, 2005 и 2009 а најдобар резултат му беше 46. место во велеслалом во Сент-Антон. Потоа се посвети на нордиско скијање и во оваа дисциплина настапи на Игрите во Сочи 2014.
Експертот по информатика, Жан-Пјер Рој одлучил во 2011 да настапи на Светскиот Куп во Гармиш со цел да го сврти вниманието на светската јавност за неговата родна земја Хаити која се соочи со страобален земјотрес. Така стана првиот човек од Хаити кој скијал на еден Светски Куп.
Аргентинката Макарена Симани Биркнер освен што има име за во програма, таа доаѓа од скијачко семејство. Родена е во 1984. година а во вторникот настапи на својот трет Светски Куп во кариерата (првиот во 2009) и заврши како 35-та во Супер-Џи со 5''17 секунди зад водечката.
На актуелниот Светски шампионат и Индија има свој претставник. И покрај скратените финансиски средства, скијачкиот сојуз на Индија има 4 натпреварувачи. Најталентирана е Анчал Такур, а со неа се уште и младата Варша Деви, Хира Лаи и Химаншу Такур.
Свој претставник има и Чиле. 23 годишниот Хенрик Фон Апен учествува на својот четврти Мундијал во кариерата. Настапуваше и на Зимските Олимписки Игри 2014 во Сочи под знаемто на родната земја.
Касете Науфаху Скин има 34 години и го викаат „Томба од Тонга“ затоа што доаѓа од Кралството Тонга, островска држава во Океанија. Негов сон е да се квалификува за Зимските Олимписки Игри 2018 во Пјонгчанг (Јужна Кореа).