Сударот во Ф1 по кој Хамилтон славеше победа, а Верстапен го критикуваше од болница

Луис Хамилтон победи на трката за ГН на Велика Британија со што стигна до победа број 99 во Формула 1 шампионатот. Трка која беше во прекин половина час поради голем инцидент.

Трката на патеката Силверстоун ја одбележа еден непријатен инцидент меѓу Хамилтон и Верстапен кој за среќа мина добро.

Хамилтон со голема брзина се обиде да го престигне Верстапен, но го закачи со тркалото, го ифрли од патеката и го испрати во заштитниот ѕид, каде удри неконтролирано со брзина од 180 км на час.

За среќа 23 годишниот возач на Ред Бул кој беше пренесен во болница на дополнителни прегледи, помина добро, но е разочаран од потегот на Британецот кој го нарече неспортски.

„За среќа добар сум, но многу разочаран што бев отстранет од трката на овој начин. Казната не ни помогна и не беше соодветна за опасното движење на Луис на патеката. Ја гледав прославата од болницата, тоа е непочитување и неспортско однесување, но ние продолжуваме понатаму“, напиша Верстапен на Твитер.

Инаку Луис Хамилтон за инцидентот беше казнет со 10 секунди во пит стопот, но успеа да се врати и да се искачи на пиадесталот, откако на три круга пред крајот го претекна Шарл Леклер од Ферари.

„Силината на ударот на Верстапен беше 51Г. Фала му на Господ што успеа сам да излезе од болидот. На сите ни олесна кога видовме дека е добро“, изјави тимскиот директор на Ред Бул, Кристијан Хорнер, кој рече дека Хамилтон направил кривично дело за кое добил смешна казна.

Благодарение на победата, но и на тоа дека Верстапен не ја заврши трката, Хамилтон го намали заостанувањето зад возачот на Ред Бул. Сега Верстапен има 185 бодови на првото место во генералниот пласман, додека Хамилтон е втор со само осум бодови помалку. 

19 јули 2021 - 10:06