Стартува патувачкиот циркус на Формула 1

Новата сезона во Ф1 носи многу нови промени затоа што за прв пат во историјата, болиди во елитниот шампионат ќе возат дури тројца дебитанти, од кои еден малолетен. Најголеми шанси за титулата според букмејкерите им се даваат на Луис Хамилтон и Нико Розберг.

Со трката за Големата награда на Австралија, викендов започнува една од најнеизвесните сезони во историјата на Формула 1.

Марк Ферстапен со 17 години ќе биде најмладиот пилот што некогаш возел во елитното друштво, Карлос Саинс јуниор тргнува по стапките на својот легендарен татко, а Фелипе Наср е последниот во низата Бразилци кои сонуваат подиум и титула. Овогодишниот Ф1 шампионат ќе брои 20 трки, се отвора на патеката Алберт Парк во Австралија, а ќе се затвори на 29 ноември во Абу Даби.

Мерцедес, Вилијамс, Лотус и Форс Индија ги задржаа истите возачки постави како и лани, а Заубер и Торо Росо се одлучија во целост да ги сменат своите. Швајцарците го ангажираа дебитантот Фелипе Наср, кој освен огромен потенцијал, на тимот му донесе и договор со Банка Бразил, вреден 40 милиони евра. Покрај Фелипе Наср, Заубер го ангажираше и Маркус Ериксон.

Торо Росо и натаму по својот план, ќе форсира млади возачи и ќе го има најмладиот двоец во шампионатот. За Црвениот бик ќе возат 17-годишниот Макс Ферстапен и 20-годишниот Карлос Саинс јуниор.

Во однос на минатата сезона, Ф1 остана без еден тим, затоа што Катерхем банкротираше, додека Маруси се спаси и во новата сезона ќе се натпреварува под името Менор Марусија. Сепак, таа информација и не е толку важна, колку што е важна веста дека на ГН во Австралија нема да го видиме Фернандо Алонсо.

Двократниот светски првак, пред три недели доживеа тежок судар за време на тестирањето на патеката Каталуња, по што четири дена лежеше во болница. Алонсо ќе ја пропушти Австралија, но би требало да вози во Малезија на 29. март.

Најголеми фаворити за титулата според букмејкерите сезонава се:

МЕРЦЕДЕС- Нико Розберг и Луис Хамилтон

Прилично очекувано, Мерцедес минатата година беше доминантен, а доказ за тоа е податокот што Луис Хамилтон и Нико Розберг имаа вкупно 16 победи. Британецот беше подобар во трките, а Германецот во квалификациите. На крајот, Хамилтон ја освои титулата со 67 бодови предност во однос на Нико Розберг.

Љубителите на Ф1 се надеваат дека приватните проблеми кои ги има Хамилтон, нема да му сметаат да го повтори минатогодишниот успех. Од друга страна, Розберг сака да се одмазди затоа што лани беше толку близу до титулата, но остана со празни раце.

РЕД БУЛ- Даниел Рикардо, Данил Квјат

Ако Мерцедес има стабилни возачи, за Ред Бул може слободно да се каже дека ја има најлудата возачка постава. Рикардо лани беше пријатно изненадување, победи на три трки иако имаше сериозни проблеми со моторот на Рено. Токму од Рено зависи дали Рикардо ќе може да се вмеша во борбата за тронот.

Младиот Русин Квјат има потенцијал, што повеќе се гледаше од неговите потези на патеките, отколку од резултатите. Едно е јасно, не случајно Ред Бул го избра него за наследник на Себастијан Фетел.

ВИЛИЈАМС- Фелипе Маса, Валтери Ботас

Благодарение на Пастор Малдонадо, пред три години Вилијамс стигна до првата победа после осумгодишна суша. Сепак, ниту најголемите оптимисти не очекуваа минатата сезона да биде убедливо најдобра по тимот во последната декада.

Валтери Ботас и Фелипе Маса лани завршија со вкупно девет подиуми, од кои второ и трето место на крајот во Абу Даби. Вилијамс годинава сака да продолжи со напредокот кои го покажаа двајцата возачи. Времето ќе покаже дали Вилијамс би можел да ја слави првата титула после 1997. година.

ФЕРАРИ- Себастијан Фетел, Кими Раиконен

Фактот што Ферари минатата сезона имаше само еден подиум (Алонсо во Кина), доволно зборува колку му требаа промени на италијанскиот тим. Тоа и се случи, најпрвин во самиот врв на Ферари, а потоа и меѓу челните луѓе во тимот и возачката постава.

Алонсо си замина во Мекларен-Хонда, на негово место дојде Себастијан Фетел, а остана Кими Раиконен. Фетел изјави дека за славното „Коњче“ потпишал со цел да постигне барем некој од успесите на неговиот сонародник Михаел Шумахер. Како четирикратен светски шампион, Фетел возеше одлично на тестовите, како и Раиконен.

МЕКЛАРЕН-ХОНДА- Фернандо Алонсо, Кевин Магнусен, Џенсон Батон

Во новата сезона Мекларен влегува во обновената соработка со Хонда, соработка од која не се очекува многу во првата година. Партнерството меѓу Мекларен и Хонда се врзува за еден од најубавите периоди на Ф1, од 1988. до 1992. година, кога Аертон Сена и Ален Прост на тимот му донесоа дури четири титули.

Лидерот на тимот, Рон Денис изјави дека не очекува многу годинава, но целта на тимот е доминација во следните сезони. Британскиот тим имаше големи проблеми за време на тестирањата, кои кулминираа со тешката повреда на Фернандо Алонсо. На местото на Шпанецот, во Австралија во недела ќе вози Кевин Магнусен.

Календар Формула 1 за 2015:

15. март Голема награда на Австралија (патека Алберт Парк)
29. март ГН на Малезија (Сепанг)
12. април ГН на Кина (Шангај)
19. април ГН на Бахреин (Сакир)
10. мај ГН на Шпанија (Каталуња)
24. мај ГН на Монако (Монте Карло)
7. јуни ГН на Канада (Жил Вилнев)
21. јуни ГН на Австрија (Ред Бул ринг)
5. јули ГН на В. Британија (Силверстон)
19. јули ГН на Германија (неодредено)
26. јули ГН на Унгарија (Хунгароринг)
23. август ГН на Белгија (Спа Франкоршамп)
6. септември ГН на Италија (Монца)
20. септември ГН на Сингапур (Сингапур)
27. септември ГН на Јапонија (Сузука)
11. октомври ГН на Русија (Сочи)
25. октомври ГН на САД (Остин)
1. ноември ГН на Мексико (Мексико Сити)
15. ноември ГН на Бразил (Интерлагос)
29. ноември ГН на Абу Даби (Јас Марин)

Трката за ГН на Австралија стартува во 6 часот наутро по наше време, а првите тренинзи на Алберт Парк се во петок.