Со вибрирачки ракав ќе сервираме како Енди Родик

Дали некогаш сте сакале да можете да сервирате како Енди Родик или да играте голф како Тајгер Вудс? Наскоро сите ќе може да ги научиме нивните потези со помош на вибрирачки ракав.

Енди Родик му кажа збогум на тенисот, но поранешниот светски рекет број еден ќе остане засекогаш запаметен по неговите резултати, но и по неговиот сервис. Тој долго го држеше светскиот рекорд во најбрз сервис со 249 километри на час.

Освен мускули, за ваков сервис треба да го знаете и точното движење на раката, а тоа наскоро сите би можеле да го научиме со помош на вибрирачки ракав.

Британците измислија ракав кој може да им помогне на луѓето да извежбаат претходно снимено движење. Тие го измислиле овој пронајдок за да можат да им помогнат на слепите луѓе да научат да пливаат, но истиот може да се искористи и во други спортови.

Ракавот меморира едно движење, а потоа со помош на вибрации дава инструкции за патеката на движењето. Па така со овој ракав може да се сними сервисот на Родик или пак замавнувањето на Тајгер Вудс и потоа сите да научиме да сервираме или да играме голф како професионалци.

6 септември 2012 - 13:01