Германското обвинителство соопшти дека 28-годишниот Сергеј В. нападот го извел од финансиски причини, пренесува АП.
После неколку дена интензивна потрага за одговорниот за бомбашкиот напад на клупскиот автобус на Дортмунд, германските медиуми пренесуваат дека напаѓачот бил сместен во истиот хотел L’Arrivée во кој биле и фудбалерите и дека неговата соба гледала на улицата во која одекнале бомбите.
Во нападот од 11. април на само 1 час пред почетокот на четвртфиналето на Лига на шампиони против Монако, Марк Бартра беше повреден од активираните бомби во близина на патот по кој движел автобусот. Русинот со германски пасош бил уапсен близу Тибинген, град во југозападна Германија, а минатата недела против него била покрената истрага поради обид за убиство.
Полицијата дошла до сознанија дека напаѓачот го извел нападот со цел да ја собори цената на акциите на Дортмунд на берзата за да профитира, пишува Дојче Веле. Брзо по нападот, германските служби открија писмо во близина во кое наводно Исламска држава ја презема одговорноста за нападот, но им паднало сомнително што текстот бил напишан на германски јазик, немало ниту еден печат или лого на ИСИЛ и не изгледало како да го пишал припадник на оваа терористичка организација.
Русинот Сергеј В. им упаднал во око на вработените во хотелот уште кога изнајмил соба. Најпрвин барал соба без окно која што ќе гледа кон улицата каде подоцна експлодираа бомбите. По силните експлозии, тој спокојно се симнал во ресторанот и нарачал стек.
Истата соба Русинот ја резервирал два пати од 9 до 13 април и потоа од 16 до 20 април.
Најголема штета од нападот претрпеа играчите и стручниот штаб на Дортмунд кој преку порака биле известени од УЕФА дека мора да го одиграат натпреварот после неколку часа. „Милионерите“ загубија дома 2:3, а неделава загубија и во реваншот и испаднаа од Лигата на шампионите од Монако.