– Mamma mia!, урлаше Ламонт Марсел Џејкобс, новиот шампион на 100 метри кој победи на трката на Олимпискиот стадион во Токио која сите со нетрпение ја очекуваа. После финишот на Ламонт Џејкобс прв му пријде Џанмарко Тамбери, уште еден голем италијански шампион кој освои златен медал (го подели првото место со Катарец).
Иако сите мислеа дека во спринт освен Болт евентуално може да победат Американците, еден непознат Италијанец кој до мај 2021 ниту еднаш не истрчал 100 метри за 10 секунди, направи сензација!
Пред Ламонт Џејкобс кој триумфираше на најголемата трка на Олимписките Игри, само четири пати славеле Европјани на оваа дистанца - Германецот Армин Гари (1960), Валериј Борзов од СССР (1972), Британецот Алан Велс (1980) и Линфорд Кристи (1992).
Цели 29 години не само без победа туку и без медал за Европјаните на 100 метри (во 2004-та Португалецот Френсис Обиквела во Атина освои сребро но тој е натурализиран Нигериец).
Сега првпат после речиси цели 3 децении имаме триумф на европскиот спринт!
КАКОВ Е ЖИВОТНИОТ ПАТ НА ЏЕЈКОБС?
Ламонт Џејкобс е роден во САД и во него „тече“ тексашка крв (татко му е поранешен војник во армијата на САД), но тој е во целост Европеец. Често се шегува на темата.
„Јас не зборувам англиски. Многу лошо зборам. Живеам во Италија. Се преселив на езерото Гарда со мајка ми кога бев уште мал. Она ме носеше во секцијата за лесна атлетика, ме воспитуваше и ми го покажа животниот пат. Обожава мотокрос и големи мотори, но мајка ми беше против.
Кога пораснав сакав да станам археолог или космонаут, ама за тоа требаше да се учи многу, а јас баталив школо во 8-мо одделение. Се вљубив во трчање и скок во далечина. Идол отсекогаш ми беше Ендрју Хау (италијански спринтер со американски потекло). Во него се гледав себе“, раскажува Ламонт.
Тој од детство трчал на разни трки но без посебни успеси. Дури кога се префрлил во скок во далечина, станал државен шампион во Италија и го срушил државниот рекорд (8,48).
Тој е висок 1.88 см, брз со одлично темпо. Тренер му е Фабио Камоси.
Ламонт не е баш близок со татко му. Кога мајка му се преселила во Италија (имал скоро три месеци), татко му отишол во Јужна Кореја и таму ја продолжил армиската кариера. Не зборуваат повеќе од 20 години, а првите обиди атлетичарот ги пресекол веднаш.
„Во школо секогаш имав проблеми. Наставниците викаа: нацртајте семејство, а јас ја цртав само мама и ми беше тешко поради тоа. Другарите ме прашуваа кој ти е татко, не постои а јас го носам неговото презиме. Со години градев бариера. И кога татко ми се обиде да се поврзе со мене, ми беше сеедно. Фала му на тренерот кој ме смени. Тој ми го препорача најдобриот психолог Николета Романаци.
Со неа се согласив да работам на моите стравови. Не беше лесно, но брзо учев. Таа работа почна во септември а јас за само пола година подоцна освоив Европско првенство во сала и истрчав 10 секунди. Но највредно е што сега зборувам со татко ми. Ама како зборуваме? Ставам зборови во Гугл преведувач и се допишуваме. Мора да ја освежам англиската граматика зошто се плашам да зборам да не грешам.
Не го сакав татко ми зошто ме напуштил. Ама сега сфаќам дека он ми дал живот, добра мускулатура, брзина. Јас го вреѓав иако ништо не знаев за него. Тоа беше моја голема грешка“.
Џејкобс има многу тетоважи по цело тело. Некои му се посветени на семејството иако тој никогаш не ја објаснил јавно нивната смисла.
Живее со девојка му Никол со која има две деца - Ентони (2 години) и Меган (родена годинава). Има и син од претходен брак, Џереми кој има 8 години.
Што се однесува до големото финале на кое Џејкобс стана олимписки златен шампион, Американците кои беа големи фаворити на крајот сами се победија. Прво лидерот на сезоната Трејвон Бромел кој е владетел на два врвни резултати (9,77 и 9,80) испадна во полуфиналето, а актуелниот светски шампион Кристијан Колмен пропуштил на три допинг теста и не доби дозвола да трча на Олимпијадата.
Џејкобс тука виде прекрасна можност зошто тронот беше отворен после долги години.
„Го немаше Болт, го немаше Колмен, сонував за медал. И мојата мечта се оствари. Пресреќен сум“
ОЛИМПИЈАДА 2020, ТОКИО, ЈАПОНИЈА
Трка 100 метри мажи:
1. Ламонт Марсел Џејкобс (Италија) - 9,79
2. Фред Керли (САД) - 9,84
3. Андре де Грас (Канада) - 9,89
4. Акани Симбине (Јужна Африка) - 9,93
5. Рони Бејкер (САД) - 9,95
6. Бин Ѕјан Су (Кина) - 9,98
Прочитајте уште и:
НОРВЕЖАНЕЦОТ ВАРХОЛМ БРЗ КАКО ВЕТАР - ПОСТАВЕН НОВ СВЕТСКИ РЕКОРД
ХЕРОИНА НА ОЛИМПИЈАДАТА: ПАДНА НА 300 МЕТРИ ДО ЦЕЛТА, ПА ЗАВРШИ ПРВА
НЕСЕКОЈДНЕВНА СЦЕНА НА ОЛИМПИЈАДА: ДВАЈЦА ЛИДЕРИ ПОДЕЛИЈА ЗЛАТО