Еден од најголемите спортски брендови, компанијата Најк нема среќа со спонзорствата на спортистите. Компанијата секогаш се труди под своја закрила да ги има најдобрите спортисти со кои потпишува спонзорски договори за огромни суми, но тие наместо зголемена продажба им носат негативен публицитет.
Во минатото тие беа критикувани и за спората реакција во кризните моменти, но за последниот случај тие беа брзи. Откако вчера одекна веста за убиството на девојката на Оскар Писториус за кое подоцна се дозна дека тој намерно го извршил, Најк експресно ја избриша неговиот лик од нивната официјална вебстрана.
Несреќната реклама со Оскар Писториус беше со порака „Јас сум куршумот во комората".
Но Оскар Писториус не е првиот бељаџија од редовите на Најк. Компанијата долго го поддржуваше Ленс Армстронг додека тој беше обвинуван дека се допингува, но откако анти-допинг агенцијата на САД изнесе цврсти докази, тие му го раскинаа договорот.
Претходно во неволја западна и најдобриот голфер на сите времиња, Тајгер Вудс. Неговата кариера отиде во надолна линија откако беа откриени неговите швалерки, а неколку големи спонзори ги раскинаа договорите, но Најк продолжи да го поддржува.
Најк веднаш не го раскина договорот и со Мерион Џонс кога беше откриен допинг скандалот, но не потпишаа нов во 2005-та година. Спринтерката подоцна повторно беше позитивна на допинг и призна дека ги лажела федералните агенти, па помина и 6 месеци во затвор.
Џастин Гетлин го освои златото на 100 метри на Олимписките игри во Атина во 2004-та година, но потоа беше позитивен на тестостерон. Тој заработи суспензија од 4 години и Најк му го раскина договорот.
Најдобро платениот играч во НФЛ, Мајк Вик беше осуден на 18 месеци затвор во 2007-та година заради организирање на борби со кучиња. Најк го избриша веднаш штом тој беше осуден, но подоцна потпишаа нов договор откако тој излезе од затвор.