Домаќините се најголемо разочарување на Олимписките игри. Тие очекуваа дека на домашен терен со помош на гледачите ќе можат да го подобрат или барем да го повторат успехот од минатите Олимписки игри во Пекинг кога беа на четвртата позиција по бројот на освоени медали.
Но тие до сега освоија само еден сребрен и два бронзени и се наоѓаат на 20-та позиција на листата на освојувачи на медали. На Британците не им оди на оваа Олимпијада и тие за тоа го обвинија премиерот.
Тие веќе однапред си сметаа дека ќе освојат некој медал од велосипедската трка на која настапија Марк Кевендиш и шампионот од Тур де Франс, Бредли Вигис. Премиерот Камерон беше помеѓу гледачите за да ги поздрави велосипедистите, но Кевендиш заврши на 28-та позиција, а Вигинс дури 102-ри.
Следната голема надеж за Британците беше натпреварот во скокови во вода. Премиерот се појави и во Акватик центарот за да им даде поддршка на Том Дејли и Пит Вотерфилд, но британското дуо заврши на четвртата позиција.
Но Олимпијадата не е единственото место каде Дејвид Камерон носи малер за Британските спортисти. Минатиот месец премиерот присуствуваше на финалето од тенискиот турнир во Вимблдон каде Енди Мареј имаше шанса да стане првиот шампион по пауза од 76 години, но тој загуби од Федерер.
Малерот на Камерон потекнува уште од 2007-та година кога како лидер на опозицијата им посака среќа на англиските рагбисти кои потоа загубија во финалето на Светското првенство.
Следниот ден тој му донесе лоша среќа на Луис Хамилтон кога му порача „јас верувам во тебе."
Британскиот премиер беше вклучен и во организацијата околу кандидатурата за Светското првенство во 2018-та година, но најверојатно тој и таму беше малерот и ова првенство им припадна на Русите.