Легендата завршува кариера

Последната сезона за Болт, остануваат уште 4 трки

По Франческо Тоти во фудбалот, Коби Брајант во кошарката, сега уште еден легендарен спортист ќе ги закачи патиките на клин и ќе се збогува од активното трчање.

Минатото лето Јамајканецот најави повлекување по завршувањето на Светското првенство 2017, а по успесите на Игрите во Рио (три злата од три можни) веќе нема сомнеж.

„Оваа сезона е мојата проштална. Не мислам дека сум должен уште да им се докажувам на луѓето. Минатата година чуствував притисок поради Олимпијадата - а сега ќе настапувам само за навивачите. Во однос на минатата година сега сум опуштен. На својата последна трка ќе бидам среќен и тажен во исто време“, вели еден од најдобрите спортисти на сите времиња, Хусаин Болт.

Трогателниот монолог не ги убедил сите - Џастин Гетлин, последниот Олимписки победник на 100 метри пред Болт е уверен: „Усеин блефира.“

Со Гетлин се сложува и најтрофејниот пливач Мајкл Фелпс кој и покрај десетици злата, титули и рекорди, брзо му здосади надвор од спортот па се врати да освои нови признанија.

Летната маршрута на Болт одамна е договорена: На 10. јуни Усеин ќе трча во Кингстон (Јамајка), на 28. јуни во Острава (Чешка), на 21. јули во Монако, а на 5. август во финалето на 100 метри на Светското првенство во Лондон.

ШТО ПРАВЕШЕ БОЛТ ПОСЛЕ ОЛИМПИЈАДАТА?

Во есента лани имаше премиера на филмот „Јас сум Болт“ а во киното дојдоа суперѕвезди на спортот - од Серена Вилијамс до Пеле - сите еднакво восхитени од Усеин.

После Олимписките Игри во Рио, Болт не учествуваше на официјални турнири - негова редовна пракса.

Единствен сериозен удар за Болт во изминатиот период била смртта на близок пријател, вицешампионот во скок во вис на Игрите 2008, Џермејн Мејсон. Поранешниот натпреварувач за Јамајка освои сребро за Велика Британија. Тој загинал во сообраќајка на мотор, а Болт непрестано плачел на погребот. Во следните две недели немал сила да тренира.

„Ментално не бев спремен да се занимавам со трчање. Тоа ме фрли назад, но се обидувам да се вратам таму каде што бев. Уверен сум во себе и во мојот тренер“, изјави тогаш Болт кога имаше мал пад во кариерата.

Усеин се откажа од трката на 200-метри на СП 2017 во Лондон и првпат после десет години финишот прв ќе го помине некој друг (Болт има 3 злата од Игрите и 4 од Светските првенства на 200 метри).

30-годишниот Јамајканец решил да се фокусира на 100 метри и на штафетата 4х100.

КОЈ Е НЕГОВ ГЛАВЕН КОНКУРЕНТ ВО МОМЕНТОВ?

Најдобриот резултат сезонава го има 21-годишниот Американец Кристиан Коулмен: 9,82 - тој го повтори 9-то најдобро време во историјата на трките на 100 метри.

Но по статус на искуство и психолошка спремност за Болт најголем конкурент е опасниот Канаѓанец Андре де Грас кој во Рио ја зема бронзата на 100 метри и среброто на 200 метри.

„Чуствувам дека имам големи шанси и на двете дистанци. Можам ли да завршам пред Болт? Тоа е забавно прашање. Никој не може да знае колкаво време ќе биде доволно за победа. Очигледно главни прашања се временските услови. Ако трчам на свое ниво, може ќе сторам нешто посебно“, вели де Грас.

СО ШТО ЌЕ СЕ ЗАНИМАВА БОЛТ ПО КРАЈОТ НА КАРИЕРАТА?

Едно е сигурно, Усеин ќе биде уште поактивен во благотворната и хуманитарната дејност. Во неколку наврати Болт беше присутен на тренинг на Манчестер Јунајтед чијшто голем навивач е и изјави дека би сакал да се проба во фудбалот, но секако, никој не го сфати сериозно.

Во главниот град на Јамајка веќе се подготвува грандиозно шоу «Salute to Legend» (потребен ли е превод?) со ВИП-гости на теренот и на трибините. Болт ќе се простува во Кингстон некаде при крајот на август.

Изјави дека најдраг турнир му е оној во чешка Острава - Golden Spike којшто бил и негов прв во професионалната кариера.