По пет години и 45 извозени трки, Италијанецот Алекс Ѕанарди во 2000-та година го напушти Формула 1 шампионатот и продолжи за вози во Champ Car серијата. Но следната година една трка во Германија му го промени животот.
Ѕанарди водеше на 13 кругови пред крајот на трката, но откако ја загуби контролата на една кривина, на него налета друг болид со брзина од 350 километри на час. Италијанецот долго се бореше за живот и остана без двете нозе, но сепак тој не се откажа.
Незадоволен од дизајнот на протезите, тој самиот си дизајнирал свои протези за нозете со кои ќе може повторно да вози. Во 2004-та година тој им се врати на трките во специјално дизајниран болид и со голем успех се натпреваруваше со до 2009-та година, а од 2007-та година беше активен и во натпреварите во велосипедизам на рачен погон.
По освојувањето на маратоните за инвалидизирани лица во Венеција, Рим и Њујорк, тој заслужено доби место во италијанската делегација за Параолимписките игри во Лондон.
„Несреќата ќе ја претворам во голема победа. Тоа е нешто што ќе им го раскажувам на моите внуци", изјави Ѕанарди по несреќата во 2001-та година, а по 11 години тој тоа и го стори.
Алекса Ѕанарди стана параолимписки шампион во велосипедизам на рачен погон триумфирајќи со 27 секунди пред второпласиораниот Германец Норберт Мосанди.
Но неверојатниот Ѕанарди нема да застане тука. Од следната година тој вети дека ќе се натпреварува во Инди-кар серијата.