Интервју со Виктор Треневски

Ова е навредливо и понижувачки, ни треба револуција во фудбалот

Сите се лути, Србите, Хрватите, Словенците, Црногорците ама ние гол немаме дадено. Не можам јас да се веселам на бод против Белорусија. Освоивме четири бода заедно со Луксембург, па за што зборуваме ние. Во мое време Ѓоко Хаџиевски имаше направено група на луѓе на кои репрезентацијата им беше главна цел.

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Виктор Треневски настапуваше за нашиот национален тим во периодот од 1997 до 2004. Најголемите успеси како играч ги одбележа додека беше член на Партизан, со кој беше двократен првак на Југославија.

Со тренерскиот занает почна во Словенија каде играше за неколку клубови, а успешно го водеше Заврч кој го внесе во прва лига, но и во горните позиции кои водат во Европа. Треневски од летово е нов тренер на црногорскиот прволигаш Дечиќ, а овие денови ја очекува и тренерската пролиценца на УЕФА.

Тема на разговор ни беше дебаклот кој ни се случува со Македонската фудбалска репрезентација за која вели дека му е светост.

Имавме квалификациски циклус кој полош и не можеше да биде. Осум порази, едно реми и само една победа. Која е вашата оценка?

Впечатокот освен со катастрофа не може да се опише со друг збор. Да освоиш 4 бода и да паднеш толку ниско, ни срамота не е доволен збор. Најлошо е тоа што го чувме во последните изјави на селекторот, како и атмосферата која ја видовме со 300 гледачи да одат на репрезентација. Да ти е сеедно за ова што се случи нема полошо. Има многу примери од регионов и од Европа кои викаат не дека може, туку дека мора подобро. Мене подобро некој на улица шамар да ми удри отколку да слушнам таква изјава дека ова е најдоброто што го имаме. Една земја со најдобра народна музика во светот, со еден од најдобрите гитаристи во светот, со квалитетни кошаркари, со такви фудбалски играчи и потоа да се каже дека ова е најдоброто што го имаме за мене е навредливо и неприфатливо.

Ние треба да го промениме односот, да се живее за репрезентацијата, тоа да ни биде целта, Албанија до некаде го покажа тоа и големи честитки до нив. Секој од регионов кој ќе направи некој успех е феноменален и секоја земја си има своја специфика. Ние не сме ни Србија, ни Словенија, ни Исланд, туку сме земја со посебен и специфичен менталитет и од моја гледна точка со голема историја и со еден народ кој заслужува многу повеќе, а тоа е само една цел. Македонија да оди на едно големо натпреварување. И во Црна Гора која е помала земја се незадоволни што не отидоа во квалификации, но тие за 3-4 години откако се самостојни имаат одиграно и бараж и пак се незадоволни. Кај нас треба да се детектира проблемот кој можеби не е до толку во стручноста, во ФФМ и во организацијата, туку проблемот е во тоа како се гледаат работите. Не може да се има куса меморија и да не се сеќаваме што сме зборувале пред 6 месеци. Не смееме да заборавиме што сме рекле пред 10 години, а не пред 6 месеци. Ние требаше да ги победиме послабите противници, а не да зборуваме како да играме против Шпанија. Со толку малку голови дадени и со сите параметри кои кажуваат, тоа не е до стручноста на Друловиќ, туку на нас ни треба револуција, Треба да се подигне народот и спортот. Треба да се направат параметри по кои ќе се оди.

Против Белорусија во првите 45 минути немавме ниту еден удар во рамки на голот. Вие како тренер како би реагирале кај играчите за да се смени тој пристап и да заличиме на репрезентација?

Ние тука имаме стручни луѓе и тренери, тоа не е спорно. Но не може да ги подготвиш играчите во 5 дена, мора да се работи од многу порано, со една константна визија, со костур на играчи. Одеднаш Тричковски е добар, па потоа не е. На тоа се работи, треба одредени работи да им се посочат. Има кодекс до кој треба сите да се држат. Вие и со прашањето дадовте одговор. Сите параметри кажуваат дека тоа е под секое фудбалско ниво.

Каде ги лоцирате најголемите грешки во овие квалификации?

Прво треба да се оцени човекот кој ја води репрезентацијата. Нашата млада селекција има солидни успеси и од најдоброто што го имаме таму котираме солидно. Во овие квалификации не се поставени стандардите кои треба да се држат. Дали е доктор во прашање, секретарка, хигиеничарка или претседател се оди во една точка. Ние променивме четири претседатели. Кај фудбалерите освен Панчев, Пандев немаме други играчи кои станале имиња, а да не се дел од репрезентација. Кај Црна Гора кои не се зависни од репрезентација, името го направија преку клубовите. Кај нас треба да растат играчите преку репрезентацијата. Таа не може да биде служба на никој, посебно не на играч. Таа треба да биде врвна цел на секој спортски работник во фудбалот. Дали ќе биде Ѓуровски, Друловиќ или Катанец, тоа не е толку битно. Сите треба да се подредат кон една цел. Потоа може да зборуваме за тактика, дали имаме играчи и сл.

За 22 години променивме 18 селектори, дали е тоа начинот на кој треба се работи, после секој циклус нов селектор или на еден стручњак треба да му остави да работи подолг период, да ги запознае играчите и да оди по својот концепт?

Ние сме паметен народ, ама го користиме само маните да ги истакнеме, а не добрите работи. Имаме примери каде се променети два селектори и е направен успех. Србија има сменето многу селектори па имала успеси. Точно е дека може да се работи на подолго со еден селектор, ама за тоа треба поширок консензус. Нека се оди од меч во меч, од циклус во циклус, од играч во играч, да се држиме до тој фонд од 30 до 50 играчи, конкретно и индивидуално да се работи со нив. Прво да се направи концепт, а потоа и таа визија. Тешко е да му се даде на еден човек 4 години, особено не од странство, а па ако му се додаде на тренер од дома, ќе се поврзе несвесно со многу други работи. Јас не би играл така. Јас сум за пократки микро циклуси со конкретен начин на работа.

Грешиме ли во изборот на фудбалери?

Грешиме, но ние видовме дека кој и да игра, играчите се тие кои мора да слушаат и кои мора да извршуваат. Немаме ние подолго време освен Пандев, друг играч кој ќе генерира конкретни промени и кон кој ќе ја насочиме целата наша енергија. Кој и да пуштиме на терен, ако не е припремен во својата форма во клубот, тој не може да игра за репрезентација. Во таа смисла не се греши дека нема голема разлика. Тие влегуваат во иста машина. Ако некој оди во бара, тој ќе се извалка колку и да е чист.

Која е одговорноста на ФФМ после овие квалификации?

ФФМ е кровот на организацијата. Ние во ФФМ го имавме и Ѕинго и Харалампије и немаше големи разлики. Ние на вчерашен ден го имавме првиот меч против Словенија во Крањ и не е ова најдоброто што го имаме. Имаме играчи, но секој одреден дел од одговорност постои. Не сум јас толку инволвиран во тоа за да можам конкретно да зборувам. Јас сум сигурен дека никој не работи против фудбалот, туку работи колку што сака. Некако е насочено тоа да еден човек одлучува за сè, а по природа тоа не е добро. Треба да им се даде шанса и на другите, еден човек не може сам сè да направи.

Во нашиот регион сите селекции отидоа напред и сите се пласираа на големите натпреварувања, а само ние сме назад. Поминаа повеќе од 20 години како имаме репрезентација. Кои се клучните точки кои би ги издвоиле како проблем? До менталитетот ли е, не сакаат да работат нашите луѓе во фудбалот или немаме таленти?

Не не, ништо од тоа. Албанија не е понапред по овие прашања од нас. Кај нас не се свртени сите кон иста цел. Овде е многу растурено на многу ситни работи и потоа се губи моќта. Ако силата ја раздвоите на 1.000 мали парчиња од тоа нема ништо. Кај нас треба да се направи нешто како порано востанија кога имало. Јас не зборувам со тебе, оној не зборувал со тој. Кога ќе поставиме една цел сите сме исти. Ние така не правиме. Во тактичките детали нема некои посебни и големи разлики. Треба селектор кој ќе живее со тие луѓе. Пет меча во година дена, пет дена собир и завршивме работа. Не така, туку пет меча во година дена и 300 денови работа. Да се живее за фудбалот треба, да се подигне атмосферата. Можеби зборувам општо, но конкретни детали не можам да ги врзувам за одредени имиња. Многу луѓе се променија, а ситуацијата останува иста. Пак ќе ви повторам, ова е веќе навредливо. Сите се лути, Србите, Хрватите, Словенците, Црногорците ама ние гол немаме дадено. Не можам јас да се веселам на бод против Белорусија. Освоивме четири бода заедно со Луксембург, па за што зборуваме ние.

Бевте тренер во Словенија, а сега сте во Црна Гора. Што може од таму да украдеме како идеја, од нивниот начин на работа, како работат таму?

Тоа што јас го зборувам, тие го имаат олеснето особено во Словенија, преку нивниот менталитет. Мене словенечкиот менталитет не ми се допаѓа. Тие кога се пласираа таму немаше жар. Јас сум сигурен дека ако ние стигнеме до бараж или да се пласираме на ЕП, ќе има 50-100.000 луѓе на плоштад. Тие имаат една подлога, една база поставена исто како што им е сообраќајот на пример и животот. Црна Гора на пример е млада држава, имаат политички проблеми. Во нивниот фудбалски сојуз може да има суета, инает, но не го издигнуваат над фудбалот. Го имаат Бранко Брновиќ како селектор и сите имаат свои проблеми, но кај нас се исфрла тоа преку работата за која сме тука.

По што се разликуваат фудбалот кај нас и во Црна Гора?

Можам да кажам дека разликата е огромна. Црна Гора е позната како производ на таленти, нема толку мала земја како нив со такви големи играчи како Јоветиќ, Вучиниќ, Савиќ, значи во тој ранг, ама Црна Гора го нема ни Вардар ни Шкендија. Овие два наши клуба имаат буџет кој во Црна Гора го имаат сите клубови на 10 годишно ниво. Тука е огромна разликата. Вардар има 4-5 поранешни репрезентативци кои се вратени назад во својата земја, а во Црна Гора нема ниту еден. Од таа страна концентрацијата на квалитетот е огромен. Инфраструктурата е исто слаба нешто како во Македонија, само во Македонија исто како во Црна Гора сојузот работи на тоа и тоа се гледа.

Доколку ви се укаже шанса да ја водите Македонија од каде би почнале?

Од соработници и од секој играч. Мене ми е репрезентацијата како што викаат во Црна Гора светиња. За мене е тоа животот. Тука треба работа, индивидуални разговори. Тоа со Трајковски што беше, па потоа со Мојсов, ќе го тргнеш, ќе го вратиш, па тоа е тотална конфузија. Треба да им се објасни за што доаѓаат. Тоа се играчи кои играат во добри клубови кои си ја знаат работата. Ако доаѓаш збунет или ако доаѓаш тука на одмор да се видиш со роднините тоа не бива. Мојот почеток би бил работа со секој кој е дел од тимот и тука нема компромис. Не е проблем да се изгуби, но да изгубиме со достоинство. Секој губи, не можеш да победиш ако не изгубиш, ама тој пораз мора да го искористиш, да гледаш со глава горе, мора да има дисциплина. Треба да живее човек со секој нивни проблем и потоа зборуваме за фудбал, дали треба овој на таа позиција, како му оди во клубот, формата до кај му е.

Во што се разликува репрезентацијата во вашето време од оваа сега?

Јас во тоа време требаше за Југославија да играм, но како се одделивме кај нас е всадена таа државност и чест. Тогаш да добиеш шанса да играш за Југославија, тоа е врв. Тогаш Ѓоко Хаџиевски направи една група на луѓе на кои тоа им беше главната цел и веќе имавме база со која можеме да играме. Потоа имавме играчи, на пример јас од Партизан и сите имавме стабилност уште во стартот. Сега тоа малку се разводни, а на тоа треба да се работи, тоа е основа. Мислам дека не е до квалитетот, не сакам да правам разлики, секоја селекција си има свој квалитет. Тогаш и Гоце Христов го имавме во репрезентација и многу играчи, особено со младите кои може да им дадат печат дека вредат. Знаете кога е се свежо и кога тргнуваш е друго. Треба да се работи, тоа беше нашата цел, а имаме менталитет и душа.

14 октомври 2015 - 14:01