На секои Олимписки игри има по некој лик кој завршува последен, но има инспиративна приказна зад него. Еден од нив ќе биде и ѕидарот Дахири Шерпа.
Нордискиот ски-тркач од Непал ќе биде единствен претставник од неговата земја во Сочи. На него му е јасно дека ќе биде на дното, но неговат цел не е да освои медал, туку да ги мотивира своите млади сонародници да се бават со спорт и да си ги остварат соништата.
„Земав четири месеци одмор од работа и скијав секој ден за да се подготвам, но се уште не сум во совршена форма. Мислам дека постои голема шанса да бидам последен. Но пласманот не е важен ако младите луѓе од Непал можат да научат нешто од олимпискиот дух. Тој дух е во моето срце", изјави ѕидарот кој секои четири години се претвора во скијач.
Шерпа има 44 години и исто како и нашиот Дарко Дамјановски, на Олимписки игри ќе се натпреварува по трет пат.
На Зимските Олимписки игри во Торино во 2006-та година Дамјановски на трката на 15 километри беше на 84-та позиција, а Шерпа на 94-та од 96 натпреварувачи.
Четири години подоцна Дамјановски го зазеде 85-то место, а Шерпа го оствари неговиот најдобар резултат и се пласираше на 92-та позиција од вкупно 95 скијачи.
Зад нив остануваа само нордијците од Костарика, Перу, Тајланд, Етиопија...