Од студот до олимписката светлина: 11 годишното момче кое Италија не го заборави

Олимписките игри со еден гест ја испратија нивната долгогодишна суштинска порака, а тоа е човечност, солидарност и надеж.

Само неколку недели откако беше оставено само под снег и мраз, 11-годишно момче од северна Италија доживеа нешто што ќе го памети цел живот. Застана на свеченото отворање на Зимските олимписки игри и го гледаше италијанското знаме како се издигнува на јарболот.

Пред две недели, на детето не му било дозволено да се вози со автобус во провинцијата Белуно, откако возачот му образложил дека нема специјален билет, потребен за време на Олимписките игри.

Иако поседувал редовна карта, таа не била признаена поради посебниот режим на превоз за време на игрите. Во услови на ниски температури и снег, момчето било принудено само да пешачи 6 км за да се врати дома.

Случајот брзо се раширил во медиумите, а родителите веднаш пријавиле, а автобусната компанија го суспендирала возачот. Но приказната не завршила тука.

По силната реакција во јавноста, организаторите на Зимските олимписки игри се решиле за врвен потег. Го поканиле детето на свеченото отворање на Олимписките игри во Кортина.

Церемонијата ја следеше рако до рамо со италијанските скијачки легенди и олимписки шампиони од Торино 2006, Фулвио Валбуса, Кристијан Зорци, Џорџо Ди Чента и Пјетро Пилер Котрер.

„Сега го гледам смирен и среќен“, изјави Марија Соле Ваталаро, мајката на Рикардо, неколку дена по инцидентот, откако го прифати извинувањето од возачот Салваторе Русото со кого се помирија и се фотографираа.

„Мислев дека е шега кога го поканија на Олимписките игри, пресреќен е. Се спремав да ја спуштам слушалката кога слушнав „Јас сум Џовани Малаго, претседател на Фондацијата Милано Кортина. Сакав да го поканам вашиот син Рикардо да присуствува на отворањето на Олимписките игри во Милано Кортина.“ Потоа неговите зборови ме убедија дека она што ми го кажува е вистина.“

Од осаменост и страв на снежна патека, до аплауз и светлина на олимписка сцена, оваа приказна потсети дека грешките не смеат да се заборават, но и дека општеството има обврска да ги исправи.

Олимписките игри со еден гест ја испратија нивната долгогодишна суштинска порака, а тоа е човечност, солидарност и надеж.

9 февруари 2026 - 13:10