Тенис играв како мал во основно училиште, аматерски, што од желба да бидам дел од тој префинет спорт, што од мојата природа на индивидуалност и немање желба за некое екипно натпреварување.
Нормално, како дете на доктор од Брза Помош во 90тите години
ми изгледаше скапо да продолжам со оваа активност. Повремено низ годините ги следев Сампрас, Агаси, Иванишевиќ, Моника... и во еден момент се прекина врската со тенисот.
Името на Новак Ѓоковиќ првпат го чув пред можеби повеќе од 15тина години и нормално не посветував некое посебно внимание. Мојот суд во периодот на неговиот развој и се почести победи беше делумно грешен поради селективните информации, нагласување на негативните аспекти на играчот, неговото опкружување со пропратните инциденти предизвикани од неговите најблиски...
Мејнстрим медиумите секако не беа наклонети кон Новак, зошто и би биле, тој доаѓа од една нација и регион кој е гледан од Западот како неариевски, дополнето со британскaта надменост.
Моите симпатии пораснаа кога Новак одби да биде вакциниран за Австралија Опен (чудно како името е опен – отворено, а тој беше затворен во хотел за бегалци).
Таа автентичност веќе ја препознав бидејќи и самиот одбивав и покрај бројните притисоци како медицински работник да бидам вакциниран. Се користеше дури и познатата фраза “ѝ верувам на науката”; може да се верува во религија, но основен принцип на науката е сомнежот.
Новак продолжуваше да реди победи а Западот “вриеше”. Како некој кој не е “наш” не е на неговото место, како некој од таму некојси Балкан е прв... сигурно страшно ги иритирало што впрочем можевме и да го видиме во однесувањето на публиката и медиумите кое кулминираше со фамозното ууууууу за публиката.
Западните високи форми на однесување секогаш беа ставани на тест и секогаш потфрлуваа фрустративно непризнавајќи апсолутно докажан и чист успех кој има уште поголема тежина знаејќи го ултрастрогиот режим на исхрана и тренинг применет за вакви достигнувања.
Како уште поголема потврда за чистината на играчот како и пркосот кон новите западни вредности или стратегии е Новаковата
религиската почит и верба, и негувањето на фамилијарната единица како основа на едно здраво општество.
Последниот меч периодов што го одигра Новак за златен медал беше и мојот прв меч што после две декади се заинтересирав да го гледам и морам да признаам дека сега ми е криво што не сум изгледал барем уште стотина негови натпревари. Неговата последна победа беше толку потребна како за него така и за народот што живее на овие простори.
Јас сум Македонец, но верувам дека по менталитетот сме слични со Србите. Оваа победа го вознемири во јадро длабокиот запад зошто веќе знае дека еден излезе од Матриксот што ни го наметнаа.
Ни го покажа патот дека автентичноста, која патем е особина која зрачи со најголемо фрекфентно поле и присутност, како и дисциплината која носи само болка, се издигнува над матниот западен облак кој долго нè имаше покриено.
Новак е нашиот нов Роџер Банистер кој ќе инспирира нови генерации не само спортисти туку и професионалци од сите области дека нашето време само што почнува! Оваа победа ќе донесе тектонски промени во колективниот менталитет на овие простори и колективната епигенетски наследна траума ќе почне полека да се брише и исчезнува.
Затоа Новак, ти благодариме!
Александар Ристески, психијатар