Нориаки Касаи, шампион за долговечност со 8 олимпијади

Има 53 години, скока од 1988-ма, а знаете што е најинтересно? Уште скока, но не успеа да обезбеди настап во Милано и Кортина.

Foto: EPA

Го викаат „The Legend“. И тоа е сигурно само еден од епитетите кои ги заслужува. Неговата долговечност е неспоредлива во светот на зимските игри, бидејќи зад себе има дури 8 Олимпијади.

Нориаки Касаи дебитираше на Олимписките игри на 19 години, на игрите во Албервил, Франција 1992, а последен пат јапонското знаме во олимписка конкуренција го вееше во Пјонгчанг 2018 на 45 години.

Тој е најстар освојувач на олимписки медал и најстар учесник и победник на Светски Куп. Освои три олимписки медали: два сребрени и еден бронзен, а првиот го освои во 1994 година во Лилехамер.

Славеше 17 пати во настапите на Светскиот куп, а дури 63 пати освои место на подиумот во поединечна конкуренција. Има дури шест записи во Гинисовата книга на рекорди.

Foto: EPA

И не само тоа. За време на неговата кариера, Касаи собори бројни рекорди во скијачки скокови. Тој е најстариот спортист што некогаш настапил на Светскиот куп во скијачки скокови на ФИС и го држи рекордот за најмногу настапи на натпреварувањето, со вкупно 579 индивидуални стартови во 34 сезони помеѓу 1988/89 и 2024/25.

И покрај напорите да се квалификува на рекордно 9-то учество на Олимписки игри, 53-годишниот Касаи не обезбеди едно од трите места достапни во машка конкуренција во јапонската репрезентација. Но и покрај тоа, нема намера да застане.

„Сакам ќерка ми да ме види со медал“, изјави Касаи кој пред 10 години стана татко и кој очигледно не го кажал својот последен збор на светските ски скокови.

20 февруари 2026 - 12:34