По само неколку проспиени часови откако до рано изутрина Марко Блажевски го носеше македонското знаме на церемонијата на отворањето на Олимписките игри, 19-годишниот пливач го имаше своето деби во Акватик центарот.
Пред заминувањето на Олимписките игри тој најавуваше дека ќе се обиде да го подобри својот личен рекорд и да го урне државниот рекорд на Маленко, но тоа остана само желба.
Марко Блажевски исплива со време 4:32.38 што е за три ипол секунди послабо од неговиот личен рекорд 4:29.07. Државниот рекорд на Александар Маленко кој датира уште од 1998-та година изнесува 4:27.62
минути.
Зад себе Блажевски ги остави само Алфаро од Ел Салвадор и Атари од Катар. Еден пливач беше дисквалификуван и Марко Блажевски заврши на 34-та позиција од вкупно 37 колку што се појавија на стартот од трката на 400 метри мешано.
Најдобро време имаше Чад ле Клос од Јужна Африка кој исплива 4:12.24, на втората позиција заврши Рајан Лохте со 4:12.24, а Мајкл Фелпс се квалификуваше за финалето како осмопласиран со време 4:13.33. Бронзениот од Пекинг, Ласло Чех заврши на деветтата позиција и не успеа да се квалификува за финалето.