27 руски спортисти се позитивни на допинг тестовите и кај сите е откриено дека користеле мелдониум. Според рускиот министер за спорт, Виталиј Мутко оваа бројка е на исто ниво со другите земји.
„Ако се земе квантитативен показател, се работи за ист број на прекршувања на анти-допинг законот како во другите земји, а тоа се околу 200 случаи годишно. Во моментов има 27 спортисти од Русија со мелдониум и околу 127 во цел свет“, изјави Мутко.
Светската анти-допинг агенција од 1 јануари оваа година го стави мелдониумот на забранетата листа на супстанци и наведе докази дека спортистите го користеле за да имаат подобри перформанси.
Скандалот со оваа супстанца изби откако славната тенисерка Марија Шарапова соопшти дека Меѓународната тениска федерација пронашла траги од неа во нејзиниот примерок.
Мелдониумот е лек од Летонија кој се користи во Источна Европа и поранешниот Советскиот Сојуз за лекување на срцеви заболувања, дијабетис и други аномалии.
ВАДА ја класифицираше супстанцата како метаболички модулатор кој ја зголемува издржливоста на спортистите, го скратува времето за рехабилитација и го подобрува активирањето на централниот нервен систем.