Најстрашниот боксер не може да најде достоинствен противник
Генадиј Головкин, веројатно најдобриот боксер на светот, лесно го совлада Мексиканецот Марко Антонио Рубио во саботата, но ќе треба уште време додека најде прав предизвик во рингот, затоа што промотерите се плашат да ги пуштат клиентите со него.
Се случи повторно во саботата вечер, Генадиј Головкин го нокаутираше противникот и тоа беше негов 18-ти нокаут по ред, но колку е тоа неверојатно, толку е и проблем.
Во последниве месеци, Головкин е како Мајк Тајсон, најстрашниот спортист. Како шампион во средно-тешка категорија, Головкин го има највисокиот процент (90,32%) на нокаути од било кој друг шампион во неговата категорија. Во саботата, Головкин боксуваше против пристоен боксер, Марко Антонио Рубио, кој пред мечот имаше 67 професионални борби, од кои 51 добиена со нокаут.
Салата беше распродадена, со околу 9.323 гледачи и дополнителни седишта наместени за борбата. Четири години по славата на Мани Пакијао немало такво возбудување за некој чисто агресивен боксер. Згора на тоа, Головкин (31-0, 28 нокаути) е атрактивен во кулоарите поради начинот на кој боксува. Головкин во рингот се движи економично и прекрасно и со секој чекор манверира кон противникот пред да му зададе потенцијален нокаут, затоа што има многу моќен прв удар.
Во саботата во Карсон, Калифорнија, втората рунда беше во тек кога Генадиј Головкин зададе перфектен десен аперкат („Аперкатот ќе те направи да осетиш дека немаш никаква шанса“, викаше коментаторот Рој Џонс). По тој удар, Головкин замавна уште еднаш со левата по што Рубио падна. На Мексиканецот му броеја до 9 или до 9 ипол, по што судијата реши да ја прекине борбата. Рубио не делуваше дека сака да ја продолжи борбата и никој нема право да го обвинува поради тоа.
„Не се борев доволно долго со него за да дознаам колку навистина е добар“, изјави Рубио по мечот.
Навивачите не жалеа што борбата беше толку кратка. Тие дојдоа да видат како Головкин ќе патосира некој, а тој им ја исполни желбата. Викаа „Трипл Џи, Трипл Џи“ поради трите појаси.
Во интервјуто веднаш после борбата, харизматичниот Генадиј Головкин кој е од Казахстан и го крши јазикот додека зборува англиски и шпански, се насмеа и ја отпоздрави публиката со: “Buenos noches, amigos!“.
„Секој му се плаши и тоа е проблем за Головкин, затоа што е можеби најдобриот боксер на светот кој не може да најде достоен противник, вели Абел Санчез, тренерот на Головкин“
Головкин си направи име кога ја распродаде „Медисон Сквер Гарден“ и сега извршните лица во ХБО Боксинг му бараат познат противник со кој би боксувал. И уште не нашле никој. Головкин ќе продолжи да боксува четири пати годишно и да ја одржува неговата популарност и непобедлива аура. Познатите боксери евентуално ќе направат чекор повеќе и ќе му се спротивстават. Евентуално.
Во реалноста, боксот веќе не е борба на најдобрите, туку театрален бизнис. Во саботата вечер, веднаш по борбата, Том Лефлер, промотерот на Головкин влезе во прес-салата и кажа дека следната борба на Головкин ќе биде во февруари и потоа на есен во 2015-та година против големо боксерско име. Лефлер планира борба на неговиот клиент со Мигел Кото од Порторико или Мексиканецот Канело Алварез. Мексико и Порторико се нации луди по боксот и секој навивач во овие земји би платил по 60 долари да ја гледа борбата на телевизија.
Сепак Кото и Алварез најверојатно ќе боксуваат меѓу себе веќе во мај 2015-та година. Кото има 33 години и неговата кариера полека заоѓа, а некои извори од ХБО соопштиле дека е неизвесно Головкин (32) да се сретне со Алварез Канело пред 2016-та година. Замислете такво чудно сценарио во некој друг спорт.
Иако навивачите повикуваат на борба меѓу Головкин и Кото или Головкин и Жулио Цезар Чавез (кој е повеќе име отколку талент), промотерите на овие боксери не би сакале да ризикуваат пораз со нокаут на нивните клиенти, затоа што борба и пораз од Казахстанецот ќе значи и намалување на нивната заработка и популарност.
За да ги боцне поистакнатите боксери, Головкин изјави дека би сакал да боксува со Кото, а за Алварез кажа: „Го почитувам, добро момче е". Публиката гласно реагираше на тоа „добро момче е", а Головкин обично го кажува тоа откако ќе нокаутира некој.
Во меѓувреме, тој ќе боксува четири пати годишно, сè додека некое познато боксерско име не собере храброст да се соочи со него. Сите боксерски фанови сакаат да го видат тоа, но специфичноста на бизнисот во спортот не го дозволува тоа. Само неколку минути пред Головкин да влезе во рингот, имаше друга борба што може да му послужи на Кото, Алварез или било кој друг што сака да ја продолжи бизнис кариерата во боксот и да ги чува парите во банка.
Нонито Донар, боксер на годината во 2012-та година според Американската боксерска асоцијација, боксуваше со Николас Волтерс од Јамајка. Волтерс е боксер од супер-средна категорија кој се нарекува себеси „Човек-секира". Тој нема многу навивачи, а голем дел од луѓето дојдоа да го гледаат Донар и скандираа „Но-нито" за време борбата. Донар падна во третата рунда, потоа доби десница и падна во шестата рунда. Се обиде да стане, но судиите означија крај на борбата.
Кога Донар зборуваше пред публиката, кажа „Ме извади од патики". Гледалиштето го поддржа што го прифатил предизвикот. И сега што? Донар (31), никогаш не добил „плати за да гледаш" борба, што е Библија во боксот и тој сега е речиси готов.
Додека излегуваше надвор од салата, сигурен дека тука е крајот, го виде неговиот промотер Боб Арум и му се извини. „Ти си голем шампион", му кажа Арум.